Обединетите Арапски Емирати заинтересирани за инвестиции во македонското земјоделство

Обединетите Арапски Емирати (ОАР) се заинтересирани за инвестиции во Македонија преку кои би ги презентирале најновите технологии во земјоделството. Ова денеска на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски му го соопштил министерот за климатски промени и животна средина на ОАР под чија ингеренција е и секторот земјоделство, Тани бин Ахмед Ал Зејуди.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, на работниот состанок во Дубаи Ал Зејуди порачал и дека ОАР стојат на располагање за размена на искуства во делот на нови технологии за модернизација на македонското земјоделство. Воедно најавил посета на Македонија во рамки на која ќе го разгледа слободното земјоделско земјиште и можноста за инвестиции.

Според Министерството, се отвора можност за идна соработка со македонските домашни фирми преку Еколошкиот економски совет на ОАЕ кој е под директна супервизија на министерот за климатски промени на ОАЕ и каде членуваат огромен број на компании.

На состанокот биле презентирани и политиките за справување со климатските промени, поволните услови за инвестирање во македонскиот агросектор и можноста за извоз на македонските овошја и зеленчукови производи во Дубаи.

Министерот за климатски промени изразил задоволство што Македонија прв пат ќе учествува на Меѓународниот саем за храна „Gulfood“ во Дубаи во 2020 година. Министерот Николовски доби покана на овој саем да присуствува заедно со приватни компании од ОАЕ  меѓу кои и „Carrefour“, како можност за презентација на македонските земјоделски  производи и нивен извоз во Обединетите Арапски Емирати.