Реформи, а не избори – порачува Брисел

Во очекување владејачките партии да се произнесат по барањето на опозицијата за предвремени избори, стигна порака од Брисел дека земјата треба во наредниот период да се фокусира на реформите и испорачување конкретни резултати во тој процес.

Првиот човек на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, на прес-конференција во ЕУ Инфо центарот,  ја пренесе пораката дека позитивниот моментум што е создаден по потпишувањето на Преспанскиот договор треба се одржи и сочува. Фокусот, рече, треба да се насочи на реформите во пресрет на јуни кога Советот на ЕУ ќе одлучува за отворање на пристапните преговори, а предвремените избори ќе го одземат тој фокус и потребната енергија.

Додаде дека прашањето за името беше посочено и во заклучоците на Европскиот Совет минатата година кој го постави патот за почнување на пристапните преговори.

– Фокусот сега треба да биде на испорачување резултати. Таму треба да бидат насочени напорите. Веруваме дека предвремените избори ќе го одземат тој фокус и нема да бидете во можност да ја дадете потребната енергија се со цел да се адресираат останатите отворени прашања. Тука зборуваме за реформите во судството, борбата со корупцијата и организираниот кринминал, реформата на безбедносните служби и функционирањето на јавната администрација, истакна Даниелсон.

Овие пораки, рече, им ги пренел на сите негови соговорници за време на дводоневниот престој во Скопје и оти се однесуваат и на владејачкото мнозинство и на опозицијата за да се придвижи земјата на европскиот пат. Ги посочи реформите во клучните области, особено во борбата против корупцијата со ставајќи акцент на нивната имплементација. Нагласии дека извештајот за земјата веќе се пишува и оти ЕК останува силно посветена да ги поддржи напорите за испорачување на реформите.

-Започнавме со подготвителната работа на извештајот и одблизу го мониторираме процесот кој ќе биде постигнат во сите сфери и области. Можам да ве уверувам дека ние ќе продолжиме да ги поддржуваме овие напори со сите средства кои ги имаме, тука зборуваме за техничка експертиза но и со важната финансиска помош која се обезбедува од ЕУ. Нашата определба е да ве поддржуваме во исполнувањето на оваа стратешка цел, токму поради која следните чекори ќе бидат многу важни на патот за почнување на пристапните преговори, рече Даниелсон.

Актуелниот статус на процесот за интеграција на земјата во ЕУ, на Даниелсон вчера му бил презентиран во Владата на состанок со премиерот Зоран Заев и повеќе министри. Заев на состанокот истакнал дека на реформите во клучните области се работело напорно и паралелно со процесот за решавање на спорот за името и постигнувањето на Договорот од Преспа и оти работите се суштински променети, а земјата заслужува во јуни да ги почне преговорите.

-Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте, истакнал премиерот Заев.

Претседателот на Владата информирал дека девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со ЕК, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.

-Убеден сум дека овие нови стандарди кои оваа Влада ги постави ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ кои беа долго замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува, рече Заев во своето воведно обраќање на состанокот.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кој, покрај во Владата, имаше билатерална средба со Директорот на Директоратот за проширување при ЕК Даниелсон, на која во контекст на реформите и очекувањата на ЕК во пресрет на Извештајот за земјава, се осврнал на имплементацијата на реформите од Планот 18. Оценил дека исполнувањето на овој план ќе не одведе до стартот на преговорите и изразил задоволство од досегашна динамика при реализација на Планот, но и од посветеноста на клучните министерства кои ги испорачуваат реформите.

– Имаме напредок практично во сите области: целосна одвоеност на агенцијата за следење на комуникациите од безбедносните служби; напредок во донесувањето на клучните закони од правосудството; нов закон за Комисијата за спречување корупција; а секако напредок има и во спроведувањето на стратегијата за професионализација и деполитизација на администрацијата, истакнал Османи, посочувајќи притоа и на квалитетот на подготвените реформи, чија имплементација ги минува сите филтри на инклузивност на граѓанскиот сектор, консултации и со опозицијата, но и проверка со телата на Европската Комисија, Советот на Европа и венецијанската комисија, ГРЕКО, итн.

Извештајот за земјата на ЕК е основно мерило за подготвеноста на земјата, и главниот параметар по кој Македонија очекува потврда на одлуката за почеток на преговорите на јунските самити на Европската унија.