Заев: Со законот за спорт ќе обезбедиме стабилни за финансирање

Премиерот Зоран Заев синоќа присуствуваше на присуствуваше на свеченоста по повод избор на спортист на годината. Стратешка цел на Владата, според него, во спортот е да се зголемат средствата за спорт и да се гарантира и брани неговата самостојност и развој.

Заев, цитирајќи го НБА кошаркарот Мајкл Џордан, рече дека спортот, исто како и животот, е полн со предизвици и постојано дава нови шанси.

– И животот, како и спортот е полн со предизвици и дава шанси, одново и одново, за шут, за погодок, за успех, нели? Успех е, да: топката во кошот, во голот, стрелата во целта. Но, уште поголем успех е желбата, волјата, истрајноста, вложени во тој напор, што води до моментот на тој, кош, гол, погодок. И не помал успех е и подадената топка, препознаената шанса дека тогаш кога некој од нас не може, некој друг до нас може, рече Заев.

Според премиерот, спортските лекции се животни лекции, а спортските искуства се животни искуства.

Оддаде почит, како што кажа, на успесите на спортистите, тренерите…со кои тие не прават среќни и горди, но со нивните заложби го обединуваат, поттикнуваат народот и го охрабруваат да верува дека победите се можни.

Заев рече дека ги уверува спортистите дека спортот ќе биде вратен на спортските работници.

– Владата на Република Македонија, заедно со Агенцијата за млади и спорт ќе овозможи и нови места и поголем простор и повеќе средства, за нови спортисти и рекреативци, рече премиерот.

Преку проектот училиштен спорт, започнат во октомври, според него, е зголемен за 20 проценти бројот на деца кои спортуваат и се рекреираат.

– Од почетокот на 2018 година почнуваме и со Олимписка програма која ќе има за цел поддршка на одреден број спортисти кои ќе можат да остварат норма за Олимписките игри во 2020-та година во Токио. Програмата ќе трае до Олимписките игри и ќе ги покрие сите трошоци на спортистите во индивидуалниот спорт, за подготовките, рече Заев.

Почната е изградба на нови училишни базени во 12 најголеми општини. Отпочнати се процедури за враќање четири сали на федерациите, преку инвестирање во младинските клупски категории во 2018 година ќе им се помогне на над 240 младински клубови, најдобри во своите категории, да продолжат да го унапредуваат младинскиот спорт.

– Ќе го исполниме нашето ветување за нов Закон за спорт, со што ќе им се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на дејноста спорт од централниот и локалниот Буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата во текот на 2018 година. Ќе ги воведеме ваучерите за реализацијата на намената делот од данокот на добивка за сите спортски клубови и федерации во Македонија, рече премиерот.

Ќе се воведе и Фондот за спорт, а идната година ќе отпочне постапката за изградба и на домот на спортот.

– Националните спортски федерации ја имаат поддршката на Владата во обезбедувањето материјални, функционални, просторни и кадровски услови за работа. Исто така и во креирањето современ национален систем на натпревари и организирање, во којшто приоритет е интересот и потребата на младите и на граѓаните на Република Македонија да спортуваат, рече премиерот.