Форумот за демократска Македонија се повлекува од Националната стратегија за соработка со дијаспората

Форумот за демократска Македонија соопшти дека се повлекува од работната група за изготвување на Националната стратегија за соработка со дијаспората и се оградува од нејзината содржина. За намерата за повлекување испратиле писмо до координаторот на работната група за изготовка на Националната стратегија за соработка со дијаспората во кабинетот на министерот задолжен за дијасора – Едмонд Адеми.
-Во изминатите две години, изградивме и ќе продолжиме да ги негуваме одличните односи со министерот Едмонд Адеми и сметаме дека министерот со својата работа ги продлабочи врските меѓу дијаспората и матичната земја и дека овој курс ќе продолжи понатаму. За жал, процесот за креирање на Националната стратегија, особено во поглед на соработката со Форумот како една од организациите на дијаспората (чинителите), од наша гледна точка покажа низа недостатоци како неефикасност, нетранспарентност, несоодветната комуникација, непрофесионален пристап како и неискористување на нашите доброволно понудени капацитети (знаење, вештини, искуство) иако тоа е една од клучните заложби на стратегијата, стои во писмото.
Уште поважно, додаваат, добивме впечаток дека стратегијата не внесува суштински реформи во насока на поголема ефикасност и ефективност во соработката со дијаспората.
-По подолга дискусија и осврнување на нашиот придонес кон Стратегијата, Форумот дојде до заклучок дека нашето учество во работната група е претворено во симболично и дека нема причина и натаму да останеме во неа. Со оглед на тоа што Стратегијата, според Вашето известување, ќе оди на јавна расправа без конечниот нацрт да ни биде претходно доставен, Форумот се оградува од нејзината содржина. Форумот останува посветен на продлабочувањето на врските меѓу дијаспората и Република Македонија и поддржувањето на процесот на демократизација на земјата, наведуваат од Форум за демократска Македонија.