Османи: За време на романското претседателство очекуваме потврда на одлуката за почеток на преговори со ЕУ

Преземањето на шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ од страна на Романија, доаѓа во еден од најтурбулентните периоди на Европа, во пресрет на предизвиците од претстојните избори, сѐ уште неразјаснетите околности под кои ќе се одвива БРЕГЗИТ итн., истакнал вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната средба во Букурешт со романската премиерка Виорика Данчила, соопшти СЕП.

– Дозволете да ги пренесам нашите уверувања дека, како земја – кандидат, ќе дадеме соодветен придонес во остварувањето на вашите приоритети како претседавач, имајќи предвид дека претставуваат вредности кои целосно се совпаѓаат со нашите државни приоритети, нагласи Османи, посочувајќи и на конвергенцијата, безбедноста и кохезијата, како приоритетни потреби за сите земји од регионот.

Османи искажа благодарност за романската иницијатива процесот на проширување да го одржите високо на агендата за време на претседавањето со ЕУ, како еден од фундаменталните елементи за обезбедување на вториот приоритет – безбедна Европа. Тој изрази уверување дека Романија, неповратно ќе се вгради во историјата на Македонија, како земја под чија палка земјава ќе добие датум за почеток на преговорите во јуни оваа година.

За време на посетата на Букурешт, Османи ќе има средби и со други високи романски официјални претставници. Негов домаќин е министерот за европски прашања, Џеорџе Чиамба, а ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Теодор Малешкану, како и со министерката за европски фондови, Рована Плумб.

Во романскиот Парламент, Османи веќе имаше средби и со претседателката на Комисијата за европски прашања, Габриела Крету, како и со потпретседателот на Претставничкиот дом на романскиот Парламент, Флорин Лордаке.