Рут Стјуарт: Македонија има потенцијал да биде седиште на австралиски компании заинтересирани за соработка со регионот

Македонија има потенцијал да биде седиште на австралиски компании кои би сакале да работат со поширокиот регион поради нејзината местоположба во ЈИЕ. На истиот начин, Австралија може да биде одлично седиште за претпријатија што сакаат да воспостават деловна соработка со Индопацифичкиот регион, вели во интервју за МИА Рут Стјуарт, нерезидентен aмбасадор на Австралија за Македонија, Србија и за Црна Гора,со сeдиште во Белград.

-Засилувањето на трговските и инвестициските врски за нас би било добредојдено. Билатералните трговски и инвестициски односи засега се скромни, па има можности за развој. Македонско-австралиската дијаспора обезбедува цврста основа за градење подобри трговски врски. Вашата местоположба во Југоисточна Европа има потенцијал да биде седиште за австралиски претпријатија што би сакале да работат со поширокиот регион, без разлика дали станува збор за производство, логистика или услужни дејности. На истиот начин, Австралија може да биде одлично седиште за претпријатија што сакаат да воспостават деловна соработка со Индопацифичкиот регион, вели амбасадорката Рут.

Според неа, за привлекување австралиски инвеститори важно е во земјата да се воспостават силни политики што се отворени кон странски директни инвестиции.

-За австралиските инвеститори, најважна е транспарентноста во работењето и доследноста во применувањето на правилата и прописите. Австралија води преговори за склучување Договор за слободна трговија со ЕУ. Вашето идно членство ќе ви овозможи да имате полза од овој договор и ние со радост го очекуваме, посочува Рут.

Таа во интервјуто се осврнува и на улогата на македонската дијаспора која се проценува дека брои околу 100.000 припадници, а чии корени датираат од пред повеќе од 100 години. Амбасадорката Рут говори и за билатерални врски меѓу двете земји кои следната година ќе одбележат 25 години, како и за историскиот договор од Преспа за решавање на 27-годишниот спор за името за што честитки Австралиската Влада упатува до премиерот Заев и премиерот Ципрас.

-Заслугите им припаѓаат на обете влади. Позитивен е впечатокот од напредокот што го постигнаа двете страни и ги охрабруваме сите инволвирани во процесот да продолжат да работат целисходно на избраниот пат кон зачленување во ЕУ и во НАТО. Австралија со радост очекува Преспанскиот договор да се усвои, вели амбасадорката Стјуарт.

Во продолжение следи целосното интервју за МИА на австралиската амбасадорка Рут Стјуарт.
Република Македонија и Австралија следната година ќе одбележат јубилеј: 25 години од воспоставувањето дипломатски односи. Последната посета нависоко државно ниво беше од поранешниот шеф на австралискатадипломатија Џули Бишоп во јули 2017 година. Како ги оценувате односите меѓу двете земји денес?
-Нашите две земји имаат топли и пријателски врски. Среќна сум што доаѓам во миг кога нашите билатерални односи се одлични. Посетата од поранешната министерка за надворешни работи Џули Бишоп секако помогна да се унапредат добрите односи и се надевам дека тоа ќе продолжи. Дваесет и петгодишнината од дипломатските односи в година е можност да се осврнеме на постигнатото, било преку посети на високо државно ниво, било преку договори за соработка и меѓународни организации.
Стратегиски цели на Македонија се членствата во НАТО и ЕУ. Со Преспанскиот договор за надминување на спорот за името со Грција се отвораат перспективите за тие членства. Како го оценувате значењето на договорот?

-Австралиската Влада им честита на премиерот Заев и премиерот Ципрас на историскиот договор за решавање на 27-годишниот спор за името. Заслугите им припаѓаат на обете влади. Позитивен е впечатокот од напредокот што го постигнаа двете страни и ги охрабруваме сите инволвирани во процесот да продолжат да работат целисходно на избраниот пат кон зачленување во ЕУ и во НАТО. Австралија со радост очекува Преспанскиот договор да се усвои.

Во Австралија постои голема македонска дијаспора, која е мостза соработка меѓу двете држави. Колку таа придонесува во австралиското општество? Каква улога има во јакнењето на билатералните врски?

-Изминаа повеќе од сто години од доселувањето на првите Македонци во Австралија и македонската заедница успешно расте и се развива. Македонските Австралијци особено силно придонесуваат кон австралискиот спорт, но меѓу нив се вбројува и директорот на Националната галерија на Австралија, Ник Мицевиќ; реномираниот моден дизајнер Тони Матичевски, како и тапанарот на австралиската рок-група Силверчер, Крис Џоењу.

Македонската заедница во Австралија гради цврсти темели за позитивна соработка и придонесува во зајакнувањето на врските, вклучувајќи ги и трговските и инвестициските. Билатералниот туризам делумно е поддржан и од македонско-австралиската заедница, а многу студенти од Македонија ја сметаат Австралија за пожелно место за стекнување образование. Многу од нив имаат силни врски со македонската заедница во Австралија.

Како значаен за соработката меѓу државите се оценува билатералниот Договор за социјално осигурување од 2009 година, а во 2018 министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и австралискиот амбасадор за борба против тероризмот Пол Фоли потпиша аи Меморандум за разбирање во борбата против тероризмот.Во кои други области може да се развива соработката и да се преземаат австралиски искуства?

-Мило ми е што присуствував на потпишувањето на Меморандумот за разбирање во борбата против тероризмот во 2018. За меморандумот првично се разговараше за време на посетата на поранешната министерка за надворешни работи Бишоп во Скопје, што покажува колку се важни ваквите посети. Меморандумот ни овозможува ефикасно да соработуваме на овој заеднички предизвик, па особено ми е мило што постигнавме ваков напредок.

Во текот на мојата амбасадорска служба тука се надевам дека ќе се засили соработката и во образованието, како и дека билатералната трговија ќе доживее пораст.

Велат дека пријателските политички односи се основа за развој на економските врски. Постои ли потенцијал за развој на економска соработка меѓу двете географски далечни земји?Има ли интерес за инвестиции – и во кои дејности?

-Засилувањето на трговските и инвестициските врски за нас би било добредојдено. Билатералните трговски и инвестициски односи засега се скромни, па има можности за развој. Македонско-австралиската дијаспора обезбедува цврста основа за градење подобри трговски врски.

Вашата местоположба во Југоисточна Европа има потенцијал да биде седиште за австралиски претпријатија што би сакале да работат со поширокиот регион, без разлика дали станува збор за производство, логистика или услужни дејности.

На истиот начин, Австралија може да биде одлично седиште за претпријатија што сакаат да воспостават деловна соработка со Индопацифичкиот регион.

Австралиските претпријатија се меѓу најискусните во светот кога станува збор за рударството и рударската технологија. Исто така сме и висококвалитетни даватели на образовни услуги.

Можно ли е да се создадат поповолни инвестициски услови во земјава за да се привлечат австралиски инвеститори?

-Важно е да се воспостават силни политики што се отворени кон странски директни инвестиции. За австралиските инвеститори, најважна е транспарентноста во работењето и доследноста во применувањето на правилата и прописите. Австралија води преговори за склучување Договор за слободна трговија со ЕУ. Вашето идно членство ќе ви овозможи да имате полза од овој договор и ние со радост го очекуваме.

Можностите за идни инвестиции на Австралија е значителна. На пример, австралискиот пензиски систем во мигов е меѓу најсилните во светот. Вкупниот пензиски фонд од акумулирани придонеси изнесува околу 2,2 билиони долари  и ќе продолжи да расте во следниве декади. Австралиските управители на фондовите овој долгорочен капитал активно го инвестираат во инфраструктурен имот низ целиот свет.

Визниот режим се смета за една од пречките за поинтензивна соработка. Со оглед на бројноста на македонската дијаспора во Австралија, постои ли можност да бидат укинати визите за македонските државјани?

-Австралија има универзален визен систем според кој сите што не се австралиски државјани треба да обезбедат виза за влез во земјата, за движењето на луѓе преку австралиската граница да биде според законите и јавниот ред. Ова не важи само за македонските државјани туку и за сите други. Повеќе информации за потребните документи за влез во земјата и поднесување барање за виза може да најдете на интернетската страница https://www.homeaffairs.gov.au.

Соработката во културата е тоа што најмногу ги зближува народите ипридонесува кон меѓусебно запознавање. Македонската публика ќе има можност од денеска да ја проследи Неделата на австралискиот филм и да погледне изложба науметнички дела од австралиски староседелци. Може ли да ни кажете нешто повеќе за овие два настана?

-Филмовите прикажани во текот на Неделата на австралискиот филм ќе им овозможат на гледачите подобро да го разберат секојдневниот живот во Австралија. Овие филмови ги отсликуваат нештата што ни се важни, нашите семејства и врски. Таа тема ги надминува културните бариери. Првиот филм, Црниот балон, е за едно австралиско семејство чие дете е аутистично. Во приказната станува збор за приспособување кон новото соседство и новите предизвици. Но, исто така носи и универзална порака за љубовта и за тоа колку на сите нас ни помагаат семејните врски.

Абориџините ѝ припаѓаат на најстарата непрекината култура на светот. Тие живеат во Австралија веќе 60.000 години и нивната култура е жива и силна и ден-денес. Изложбата поставена паралелно со филмската недела го прикажува начинот на живот долж сточарскиот пат Кенинг, овозможувајќи да видиме колку е богата оваа култура. Не станува збор за тоа како живеат и творат сите староседелци во Австралија туку само за еден дел од една крајно разновидна култура.