Република Македонија ќе го избира шестиот претседател

Во Република Македонија во април годинава ќе се одржат шестите претседателски избори.

Изборите за претседател, како што предвидува Уставот на Република Македонија, треба да се распишат 60 дена пред истекот на мандатот на досегашниот шеф на државата. На актуелниот претседател Ѓорге Иванов вториот петгодишен мандат му истекува на 12 мај.

Иако сé уште е неизвесно кој сé ќе учествува во претседателската трка во јавноста се споменуваат повеќе имиња кои, како „пробен балон“ беа ставени во некои анкети за да се види рејтингот на претендентите за претседателската функција.

Досега ниту една политичка партија не излегла со свој кандидат за претседател на Републиката, иако по зачестените настапи во јавноста и по медиумите од одредени политичари се гледа дека покажуваат интерес да се вклучат во трката за „татко на државата“.

Премиерот Зоран Заев во последната изјава посочи дека околу десетина имиња се во игра за кандидат за претседателските избори на СДСМ.

-Мислам дека повеќе од десеттина имиња се истражуваат – Македонци, Албанци, Турци, Срби, повеќе имиња истражуваме, за да видиме како размислуваат граѓаните… Најприфатливото решение, впрочем би значело максимално консензуално прифатливо решение. Консензуален, во Македонија значи, сите да застанеме зад него, вели Заев.

Најави дека СДСМ на своите највисоки органи и тела ќе го дискутира и затвори ова прашање, а потоа јавноста ќе биде запознаена со нивната одлука.

Тој вели дека ќе овозможат избор на личност за претседател на државата со идентични стратешки интереси на мнозинството на граѓаните на нашата земја. Претседателка или претседател што, со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе работи на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседател-ка, како што посочува Заев, што е противник на поделбите и омразата и што ќе ја промовира Македонија како праведна земја, дел од глобалниот свет.

На иста линија со премиерот Заев за консензуален кандидат за претседател е и владиниот партнер – ДУИ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека нема да ги бојкотираат претседателските избори, туку напротив ќе учествуваат и ќе победат на истите.

ВМРО-ДПМНЕ објави јавен оглас за пријавување кандидатури за избор на претседател на државата, што ќе биде отворен до 31 јануари. Претседателскиот кандидат ќе го бираат 550 делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ со тајно гласање. За избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев завчера прв објави дека се кандидира на огласот во неговата матична партија за изборот на нивни кандидат за претседател на државата.

Досега како можни кандидати на СДСМ во јавноста се споменуваат имињата на Стево Пендаровски, Радмила Шекеринска,  Оливер Спасовски, Денко Малевски. Како можни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, покрај Влатко Ѓорчев, се споменуваат и Антонио Милошоски, Трајко Славески, Гордана Силјановска, Зоран Ставрески, а од албанскиот политички табор се споменува името на поранешниот кандидат Имер Селмани.

Претседател на Република Македонија

Претседателот на Република Македонија го изразува државното единство и ја претставува земјата на меѓународната политичка сцена, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање. Претседателскиот мандат трае пет години, почнувајќи од свеченото положување заклетва во Собранието на Република Македонија. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати.

Претседателот мора да биде државјанин на Република Македонија, на изборите да има најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Уставот предвидува кандидат за претседател на Републиката да можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето. За избран во вториот круг се смета кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, под услов на гласање да излегле најмалку 40 отсто од запишаните избирачи. Тоа е потребниот цензус.

Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Тоа значи дека претседателот на Собранието на РМ во чија надлежност е распишувањето на изборите, треба да ја отпочне постапката со носење на одлука за распишување на избори за претседател на РМ.

Изборниот законик предвидува државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, односно дијаспората како што популарно се нарекува, да гласаат на изборите за шеф на државата.

-Гласањето се спроведува во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство еден ден пред денот определен за избори. За да можат да го искористат своето избирачко право во странските држави, нашите државјани ќе треба да поднесат пријава за гласање во странство. Секако, Државната изборна комисија навремено ќе го објави јавниот повик со сите детали околу процедурата на пријавување, вели за МИА портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Изборната кампања на кандидатите за претседател на Република Македонија започнува 20 дена пред денот на изборите, а и во првиот и во вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на самиот ден на изборите.

Изборот за претседател на Републиката, како што предвидува Уставот, се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.

Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.

Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.

Во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието.

Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.

Права и должности на шефот на државата

Според утврдените права и должности со Уставот и законите на Република Македонија, претседателот го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, склучува меѓународни договори во име на Републиката, доделува одликувања и признанија и дава помилувања.

Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, доколку смета дека не е во согласност со Уставот или е во спротивност со потврдените меѓународни договори, и да го врати на повторно разгледување во Собранието. Доколку притоа Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во рамки на надлежностите на претседателот на Републиката е и да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија, двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија, а предлага и двајца членови на Советот за радиодифузија. Претседателот го предлага и гувернерот на Народна банка на РМ, кој потоа го именува Собранието.

Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, поставува и разрешува генерали. Тој е и претседател на Советот за безбедност на Република Македонија и именува тројца од членовите на Советот. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.

Титулата Национален уметник ја доделува претседателот на Република Македонија, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија.

Одредбите кои се однесуваат на претседателот на Република Македонија се сместени во Уставот на Република Македонија (III дел – глава 2 и во други делови и глави) Преглед на должностите и овластувањата на Претседателот на Република Македонија според Уставот и законите  , како и во определени закони.

Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.