Црногорските искуства со употребата на јазиците се одлични. На катедарата на факултет имаме отсек за наставници по албански јазик. Човековите и малцинските права никогаш не завршуваат, туку постојано треба да се унапредуваат, бидејќи сите ние живееме во еден заеднички дом.
Ова го изјави претседателот на Парламентот на Црна Гора Иван Брајовиќ на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот македонски колега Талат Џафери, одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви се искуствата од употребата на Законот за јазиците во нивната земја кој постои веќе две години и предвидува употреба на албанскиот јазик во општините каде има пет отсто албанско население.
-Ние во Црна Гора особено се фалиме со нашата мултинационална и мултиверска усогласеност. Кога се подготвувавме за рефенердумот за независност противниците велеа дека малцинските групи ќе ја загрозат црногорската самобитност и државност. Тогаш реков дека на Црна Гора и посакакувам тоа што и го псоакуваат малцинските народи. Тие на референдумот тоа најдобро го покажаа. Тие се лојални граѓани на Црна Гора. И секогаш кога одам пред нашата дијспора порачувам дека треба да води сметка за своите корени и да биде лојална на државата во која живее, рече Брајовиќ.
Тој потенцира дека Црна Гора очекува набрзо Македонија да ја поздрави како 30. членка на НАТО.
– Секое наше експертско знаење и искуство што го стекнавме на патот кон НАТО и ЕУ, а Црна Гора ќе биде првата наредна членка на Унијата, со задоволство ќе го споделиме со пријателите во Македонија или многу брзо Република Северна Македонија, рече Брајовиќ.
Тој нагласи дека е прво официјално лице во официјална посета на Македонија по днесувањето на историските одлуки, но и дека е прв претседател на црногорско Собрание кој доаѓа во посета на земјата од независноста на Црна Гора во 2006 година.
Претседателот на македонскиот Парламент, Џафери на средбата го информирал неговиот гостин дека со усвојувањето на уставните измени во законодавниот дом Македонија го заврши нејзиниот дел од имплементацијата на Договорот од Преспа и оти сега очекува позитивен исход и од грчката страна.
-Заблагодарувам за силната поддршка што ја добивме од Црна Гора за која нашето интегрирање во НАТО претставува национален интерес затоа што сме согласни дека со тоа ќе се постигне стабилност во регионот и така ќе можеме да ја интензивираме регионалната соработка и со тоа да отвориме нови перспективи за нашите граѓани со квалитетни содржини и проекти, рече Џафери.
Тој подвлече дека е убеден дека следниот период акцентот на билатералната и парламентарната соработка на двете земји ќе биде ставен на размена на искуства во однос на преговарите со ЕУ со оглед на, како што вели, динамичната преговарачка агенда на Црна Гора и фактот дека Македонија ја почна веќе подготвителната фаза од процесот на скринингот.
Двајцата се согласија дека треба заемно да работат и на интензивирање и на економската соработка за што постои огромен неискористен потенцијал.