Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи учествуваше на Едукативно-дебатната сесија #EUROTALK, каде пред претставници на граѓанското општество ги образложи состојбите со европските интеграции, досега постигнатите резултати, како и предизвиците кои ја очекуваат земјава во 2018 година.
Во поглед на Планот 3-6-9, Османи изрази задоволство од имплементацијата на првиот дел од Планот, делот три, со чија имплементација се создадоа услови за одржување фер, слободни и кредибилни локални избори, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.
Тој додаде дека имплементацијата на деловите Шест и Девет од Планот е фокусирана на приоритетните области реформите на безбедносните служби, реформите во правосудството, како и реформите на јавната администрација, додавајќи дека Владата презела обврска истите да ги имплементира заклучно со февруари 2018, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската комисија, која ја најави претседателот на ЕК Жан Клод Јункер.
– На вчерашната седница на Владата помина клучниот пакет реформи на безбедносните служби, заедно со пакетот реформи за механизмот за надворешна контрола на работат на полицијата. Со ова почнува процесот на затворање на едно од најтешките прашања – реформа на безбедносниот систем, како најзначајно прашање дефинирано во забелешките на високата експертска група предводена од Рајхард Прибе, истакна Османи.
Тој додаде дека МВР, Министерството за Правда, но и работната група која беше посветена на овие реформи постигнале голем успех, изготвувајќи квалитетни реформи кои суштински соодветствуваат со препораките и забелешките од кои произлегува потребата за реформи.
Османи се осврна и на предизвиците кои не очекуваат во 2018, „како историска година на можности за конечно да ги затвориме прашањата за ЕУ и НАТО“.
– Имаме добра основа да се надеваме дека во 2018 ќе го затвориме прашањето за евроинтеграциите, што значи да ги отвориме преговорите за членство во ЕУ. Ова е најважниот предизвик за 2018 година, кој мора да го дочекаме подготвени и како Секретаријат за европски прашања, како граѓански сектор чии фокус се европските интеграции, и воопшто, како општество кое цели кон европските вредности, рече тој.
Османи додаде дека СЕП како институција која е најодговорна да го води процесот на преговори, има обврска да го дочека евентуалниот старт на преговорите со подготвен тим, структура и администрација која ќе може да се носи со предизвикот на преговорите.
Едукативната дебата е во организација на Здружението на граѓани за истражувања, анализи и развој на јавни политики „ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии“, а учествуваат претставници на граѓанскиот сектор во Македонија.