Целосната содржина на Законот за употреба на јазиците испратена до Венецијанската комисија

 Владата на Република Македонија, согласно својата претходно донесена одлука, ја испрати целосната содржина од Законот за употреба на јазиците на мислење до Венецијанската Комисија, заедно со алтернативниот текст на членот 8*, кој не е составен дел од Законот, од причина што се постави прашањето за неговата усогласеност со Уставот на Република Македонија, соопшти денеска Владината прес-служба.

Од Владата појаснуваат дека алтернативата на член 8 од Законот за употреба на јазиците гласи  дека – (1)Книжните и кованите пари, хартиите од вредност, поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, бандеролите, се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, дека (2) Книжните и кованите пари како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, како и оти (3) Униформите на полицијата, одбраната, пожарникарството, здравството во Скопје и во општините во која најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

– Во писмото што како прилог е проследено до Претседателот на Венецијанската Комисија Џани Букичио, се истакнува дека, како и досега мислењата на Венецијанската комисија за законската регулатива во земјава претставуваат значајна поддршка на реформите на правниот систем во Република Македонија чија цел е воспоставување на највисоките европски стандарди, особено што Законот за употреба на јазиците регулира значајно прашање во насока на остварување на програмските определби на Владата на Република Македонија за воспоставување едно општество за сите. Во писмото до Венецијанската Комисија пишува и дека испраќајќи го Законот и алтернативата на членот 8, Владата на РМ очекува мислење по истите од аспект на нивната усогласеност со европските стандарди и со принципот на  владеење на правото, се вели во соопштението од Владата.

Во писмото се додава и дека Законот за употреба на јазиците произлегува Охридскиот рамковен договор кој е имплементиран во Уставот на Република Македонија, како и оти една од целите на Законот е да  се создаде хармонична правна рамка во која законските одредби нема да ја загрозат уставноста на Република Македонија, ниту европските стандарди, а воедно ќе претставува добра почетна основа за процесот на негова имплементација.

Во соопштението од владината прес-служба се појаснува и дека Членот 8, во усвоениот текст на Законот за употреба на јазиците, усвоен во Собранието на РМ на 14 јануари 2019 година, гласи:

(1) Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(2) Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, бандеролите, се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

(3) Униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Законот за употреба на јазиците беше објавен во Службен весник на РМ на 14 јануари годинава само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери со укажување дека тоа се прави бидејќи претседателот на државата Ѓорге Иванов одбил да го стори тоа.

Законот двапати беше изгласан во македонското Собранието на 11 јануари и на 14 март минатата година, но Иванов одби да го потпише со образложение дека се противуставен.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни  институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои
вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и
неговото писмо.