Процесот на реформи во Македонија продолжува. Тоа што ние како Европска унија сакаме да го видиме е да постои посветеност не само од страна на Владата за продолжување на реформите, туку и од Собранието и од политичките партии, изјави денеска во Куманово евроамбасадорот Самуел Жбогар на средбата со градоначалникот на општината Максим Димитриевски.
– Во ЕУ се радуваме на продолжувањето на процесот на реформи. Се разбира дека треба од самите државни институции да има испорачување резултати, и ако институциите продолжат со испорачување на овие резултати, се разбира дека тоа ќе има позитивен ефект врз самите односи помеѓу ЕУ и земјата следната година, изјави Жбогар.
Тој додаде дека за да се реализираат реформите потребно е да се има соработка помеѓу сите политички чинители и дека тоа е од огромна важност.
– Во тој контекст гледаме соработка помеѓу Владата и опозицијата, т.е. партиите во самото Собрание и ние како Европска унија го охрабруваме овој процес и се надеваме дека овој вид соработка помеѓу политичките партии во самото Собрание ќе продолжи во иднина и ќе даде резултати, рече Жбогар.
Тој посочи дека согласно планот на Владата 3-6-9, неколку закони веќе се усвоени во Собранието, а исто така постои јасен план како институциите да се справат со прислушуваните материјали и самата опрема која веќе постои во рамки на УБК, а постои и план за давање јавен оглас за пополнување на работни места во самите независни институциии.
На средбата со Димитриевски, Жбогар бил информиран за имплементација на тековните инфраструктурни проекти во Куманово, меѓу нив за реконструкција на канализациската мрежа.
– Поразговаравме за можната соработка во иднина, реалноста со која се соочува општина Куманово, за сите проблеми и секојдневната потреба на граѓаните. Ќе го посетиме и средното училиште „Наце Буѓони“, каде ќе имаме конкретно имплементација на проект и ќе се запознаеме со состојбите во кои учат учениците таму и во сегментот на образование ќе продолжиме во делот на дискусијата и можната помош и поддршка која ќе ја добиваме во иднина од страна на канцеларијата во земјава, рече Димитриевски.
Жбогар информираше дека во Куманово присуствува во рамки на кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“.
– Морам да кажам дека тој е првиот градоначалник со кој се среќавам по локалните избори во земјава. Имав можност да поразговарам со него во врска со многу проекти и мислам исто така да разговараме за еден многу голем проект поврзан со третирање смет, проект кој ќе се реализира во Куманово во следните неколку години, изјави Жбогар.
Тој потсети дека постојат и други проекти кои ЕУ ги финансира во општина Куманово. На средбата со градоначалникот разговарале и за досегашната успешна соработка на ЕУ со Куманово, и за состојбите, проблемите, предизвиците со кои што се соочува општината. Тој очекува дека и понатаму ќе реализира успешна соработка со општина Куманово.