Повредени и приведени во вчерашниот протест во Атина против Договорот од Преспа

 Најмалку 40 повредени од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден снимател, приведени 12, од кои уапсени седум лица, солзавец и сериозни инциденти, учество на околу 60 илјади граѓани, препукувања меѓу грчката Влада и Нова демократија, е билансот од вчерашниот протест на атинскиот плоштад Синтагма, пред грчкиот парламент, против Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Нередите започнаа половина час по официјалниот старт, кога група маскирани лица, веројатно радикални десничари и припадници и поддржувачи на Златна зора се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во грчкиот парламент. Со разни предмети, дрва, боја, пиротехнички материјали, ја нападнаа полицијата која за да спречи упад употреби солзавец и шок бомби. Инцидентите набргу се проширија во целиот дел пред Парламентот, но и по околните улици, а не ги прекина ниту дождот. Маскираните лица успеаа да скршат и дел од заштитна ограда пред парламентот, а фрлија и молотови коктели.

Полицијата континуирано одговараше со солзавци.

Инцидентите се случија токму пред грчкиот Парламент, во горниот дел од плоштадот Синтагма, додека пак во долниот дел, онаму каде што беше поставена бината од организаторите, и покрај солзавецот, на присутните паралелно им се обраќаа поканетите говорници.

По судирите меѓу маскираните лица и полицијата, што траеја околу 3 часа, ситуацијата пред грчкиот парламент се смири, протестот заврши, граѓаните си заминаа, а во центарот на Атина дојдоа возила на општинската комунална служба за да ги исчистат улиците од мермерот, камењата, предметите, шишињата, но и остатоците од солзавецот и шок бомбите.

Она што остана да сведочи за протестот беа и слоганите кои кусо пред да започнат инцидентите, ги испишаа со спреови дел од маскираните лица – Демократијата ја продаде Македонија“, но и пцовки упатени кон Ципрас, а го ставија и нивниот потпис – Златна зора.

Од грчката полиција соопштија дека на вчерашниот протестот во центарот на Атина учествувале околу 60 илјади лица, а во грчката престолнина пристигнале вкупно 326 автобуси од цела Грција.

Атина беше под силно полициско обезбедување, а протестот иако беше закажан за 14 часот по локално време, граѓаните уште 2 часа претходно почнаа да се собираат пред грчкиот парламент.

Со грчки знамиња и со плакати со пораки “Македонија е грчка”, “Референдум сега” и извикувајќи  слични слогани меѓу кои и “Овој Договор е предавство”, Грците протестира на собирот организиран од т. н. Комитет за одбрана на грчкиот карактер на Македонија за да го кренат својот глас против Договорот од Преспа.

Меѓу демонстрантите имаше и голем број свештени лица.

Насилните инциденти беа причина за препукувања меѓу власта и опозицијата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на грчкиот премиер коментираа дека  „за жал уште еднаш тонот на протестот го дадоа екстремни елементи и членови на Златна зора кои во нивниот обид да влезат во Парламентот, маскирани и со дрва, камења и палки ги нападнаа полицајците и десетици повредени завршија во болница“.

Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во изјавата по протестот против Договорот од Преспа рече дека вчера говорел грчкиот народ и неговиот глас мора сите да го слушнат, „а прв господинот Ципрас и поддржувачите на Договорот од Преспа, договор кој се подготвуваат да го гласаат без да имаат таков мандат од нивните гласачи“.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија додаде дека договорот е против „националното чувство“ и без согласност од другите партии, но и дека признава македонски јазик и идентитет, а потенцира дека следнава седмица, Нова демократија, со аргументи и решително, ќе биде во првите редови во битката да не се ратификува Договорот од Преспа.

Мицотакис, ја обвини владата дека со употребениот солзавец сакала да ги растера граѓаните.