Донесен законот за антикорупциска, се отвора можноста за избор на новиот состав пред изборите

Да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност и во изминатите десет години да не бил пратеник во Собрание, член на Владата, донатор на политичка партија или да не вршел функција во органи на политичка партија.

Ова се дел од условите, согласно новото законско решение, што треба да ги исполни претседателот на Државната комисија за спречување на корупција.

Пратениците вчера по скратена постапка го донесоа новиот антикорупциски закон, со кој се отвора патот за формирање на новиот состав на Комисијата.

ДКСК не функционира од март минатата година, кога по објавувањето на ревизорскиот извештај за финаниското работење на Антикорупциска, ревизорите нотираа сериозни сомневања за малверзациите од страна на членовите, како фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување на станови во Скопје. Тогаш петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и тогашниот претседател Игор Тантуровски.

Силно регулативно тело во областа на борбата против корупцијата е повеќе од потребно со оглед на тоа што борбата против организираниот криминал и корупцијата е сферата во која најмногу треба да се направи и сето тоа во период кога Македонија очекува напролет да добие позитивен извештај од Европската комисија за отпочнување преговори. А новиот состав на Антикорупциска е потребен и пред претстојните претседателски избори, чиј први круг спикерот на Собранието Талат Џафери ги најави за 21, а вториот за 5 мај.

И министерката за правда Рената Дескоска во своето излагање пред пратениците во средата, во кое ги повика да дадат поддршка законот да се донесе по скратена постапка, напомена дека не е добро во земјата да се одржуваат избори без антикорупционери.

–  Владата предложи закон што се темели на следните основи. Силна државна комисија за спречување корупција со зголемени надлежности. ДКСК со ефикасни механизми за спроведување на надлежностите. Сериозни критериоуми за избор на професионален состав на ова тело. Транспарента постапка за избор на членови со учество на медиумите и граѓанскиот сектор. ДКСК ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право врз основа на општ член да пратат иницијатива до ДКСК и доколку е основана комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето, појасни вчера Дескоска.

Нагласи дека не смее да ни се повтори праксата постапките да завршуваат во фиока на ДКСК и за таа цел се донесени рокови во кои таа мора да постапува.

Законот, за чие усвојување беше потребно двотретински мнозинство, е донесен, откако владејачкото мнозинство и опозицијата постигнаа согласност околу него, а власта прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Новото законско решение доби поддршка од 81 пратеници.

Со прифатените амандмани нема промени во проширената надлежност на комисијата, на која инстистираше власта, но сепак се прават измени во однос на начинот на кој се пријавува незаконско финансирање на политичките партии, а затворено е и прашањето за директен увид во сметките на носителите на јавни функции. ДКСК ќе има право на директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци, но и тука власта прифати одредени измени во однос на првичното решение.

Со законското решение предвидено е ДКСК да има претседател и шест членови, нешто на што се противеше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која, како што напоменуваше согласно препораките на ГРЕКО бројот на членовите на Антикорупциска треба да се намали на пет.

Новини има во изборот на членовите и претседателот, односно се воведува поголема транспарентност. Нив ги именува Собранието за период од пет години, без право на повторен избори. Собранието распишува оглас, а собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во рок од десет дена од огласот формира Комисија за селекција на кандидатите.

Во рок од три дена од истекот на рокот за пријавување Комисијата за селекција врши проверка на исполнетоста на условите и утврдува листа на пријавени кандидати, која потоа се објавува на веб страницата на Собранието веднаш, а најдоцна во рок од еден ден од денот на нејзиното утврдување. Во рок од пет дена од објавувањето на листата се организира интервју на кандидатите, кое се емитува на собранискиот канал. На интервјуто е превидено учество на претставници на Народниот правобранител, МАНУ, Интеруниверзитетската конференција, на здруженија на новинари, здружение или фондација во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување.

Во Преодните и завршните одредби на собранискиот спикер му се дава можност да го крати рокот за избор на составот на Комисијата. Тој објавува оглас за именување претседател и членови на ДКСК најдоцна во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Во постапката за именување на претседател и членови на Комисијата, роковите кои се предвидено со членот 12 од законот се скратуваат согласно роковникот, кој ги донесува спикерот на Собранието. Тој роковникот за спроведување на постапката за именување на претседател и членови на ДКСК го објавува заедно со огласот.

Се зголемуваат и надлежностите на Антикорупциска. Комисијата со новото законско решение води постапка за контрола на финансирањето на политичките партии и до Собранието на Република Македонија поднесува посебни извештаи од спроведена контрола, ја следи законитоста на финансирањето на изборни кампањи, презема активности во насока на јакнење на личниот и институционалниот интегритет, води јавен каталог на подароци, спроведува истражувања на јавното мислење за оценка на своето работење и состојбата со корупцијата во државата.

Комисијата меѓудругото покренува иницијатива пред надлежните органи врз основа на извештаи на Државниот завод за ревизија, ја евидентира и следи имотната состојба и интересите во постапка согласно овој закон, изготвува каталог на подароци.

Во случај на постоење на сомневање за незаконито финансирање на политичка партија, Државната комисија по сопствена иницијатива или по иницијатива од  државни органи, политички партии или здруженија и фондации кои работат во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување може да донесе решение за отпочнување постапка за испитување на финансирањето на политичка партија. Тука е прифатен аманманот на ВМРО-ДПМНЕ и е изменето првичното понудено решение, според кое Антикорупциска можеше по соствена или по иницијатива на кое било физичко или граѓанско лице да почне постапка.

Седниците на Комисијата се јавни, со исклучок кога јавноста може да биде исклучена кога се постапува по предмети кои содржат класифицирани информации и податоци кои се заштитени со закон.

Антикорупциска за својата работа ќе може да бара податоци од различни институции, меѓу кои и од банки и други финансиски институции и пристап до бази на податоци, но по покрената постапка, за што веднаш треба да го информира службеното лице, за кое се бараат податоци, одоносно одговорното лице во правното лице, за кое се бараат податоци. Банките и финансиските институции се должни во рок од 15 дена до неа да ги достават бараните податоци. Доставувањето на бараните податоци не претставува повреда на банкарска тајна.

Избрано или именувано лице, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, нотар, извршител, административен службеник од категоријата А утврдена со закон или лице вработено во кабинетите на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Македонија, министрите и генералниот секретар на Владата на Република Македонија, заради извршување на работни задачи на посебен советник, при изборот, именувањето  назначувањето, односно вработувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, именувањето, назначувањето односно вработувањето поднесува изјава за имотна состојба и интереси.

Податоците од изјавата за имотна состојба и интереси и пријавата за промена во имотната состојба и интереси претставуваат информации од јавен карактер, освен податоците заштитени со закон. Овие податоци, освен оние кои се заштитени со закон се објавуваат на веб-страницата на Државната комисија.

ДКСК меѓудругото иницира и покренување постапка за испитување на основот на стекнување на имотот на член на семејството или блиско лице на службеното лице, доколку се утврди дека има значителни промени во таа сфера.

Се заштитуваат и медиумските работници. Во членот 68 од законското решение се забранува каква било присилба, спречување или влијание на друг начин врз средствата за јавно информирање да објавуваат или да не објавуваат информации за случаи на корупција и судир на интереси. Новинарот има право на непречен пристап до сите извори на информации во согласност со закон. Никој не може да ја исклучи јавноста од расправата за корупција и судир на интереси пред надлежен орган или правно лице, освен кога се работи за претходна постапка што е прогласена за доверлива. И никој не може од новинарот што објавил информација за акт на корупција и за судир на интереси да бара да го открие изворот на информацијата .

Поранешниот претседател Тантуровски ќе остане запаметен по изјавата која ја даде на новинарско прашање на прес-конференција да даде податоци за имотната состојба на Никола Груевски. На претседателот на Антикорупциска тогаш не му беше јасно зошто новинарите се интересираат за имотот на Груевски, кога тој повеќе не е премиер и рече „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови амин“.