Најавата од Вселенскиот патријарх Вартоломеј дека ја презема одговорноста и за нашето црковно прашање, дава надеж дека ќе се исцели уште една голема рана во православниот свет, вели архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”.
За тоа до каде е процесот за добивање на автокефалност на МПЦ-ОА и кога тоа ќе се случи, отец Партениј во интервју за „Битолски весник”, кажува дека не сака да дава прогнози за тоа, но оти е важно дека, со Божјо содејство, работите се движат во тој правец.
– Откако МПЦ-ОА побара од БПЦ помош и посредство за излез од полувековната неправедна изолација, бугарскиот Синод веднаш оформи комисија, со што нашето црковно прашање најпосле излезе од тесните рамки и доби меѓуправославен карактер. Тоа беше доволен повод Вселенскиот патријарх да го употреби своето вековно и од Вселенските собори загарантирано право да биде арбитер во меѓуправославните спорови. Набрзо, од Фанар, од седиштето на Великата Христова Црква, како што се нарекува првопрестолната Вселенска патријаршија, дојде убавата и долгоочекувана радосна вест дека патријархот веќе ја презема одговорноста за нашето прашање. Потоа следеше кореспонденција на патријархот со црковна Софија, во која тој недвосмислено даде до знаење дека нашето црковно прашање е исклучиво во негова надлежност. Исто така, тој оствари и средби со државниот врв на Грција, од каде што навести дека ќе дејствува во правец на враќање на нашата црква во канонскиот поредок, „според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“, наведува отец Партениј.
Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, вели игуменот на Бигорскиот манастир, важи за мудар и богопросветлен првојерарх, со голем углед во целиот свет како миротворец, кој придонел многу за зачувување на соборноста во црквата и особено за решавање на повеќе црковни спорови.
– Тука би го истакнал и последниот случај со Црквата во Украина. Тоа ни дава надеж да веруваме дека и во однос на нашата црква ќе го оствари своето ветување, со што ќе се исцели уште една голема рана во православниот свет, вели отец Партениј.
Во котекст на случајот со Украина, тој укажува дека неслучајно Вселенскиот патријарх го одбра името „Православна Црква во Украина“, наспроти „Украинска Црква’, што, според него, покажува дека е решен силно да се спротивстави на ереста етнофилетизам.
– Се надеваме дека сите цркви ќе се поучат од ова, зашто една помесна, автокефална црква не припаѓа само на еден народ, туку на сите православни кои живеат во нејзината јуриздикција, без разлика на националноста. За жал, гледаме како СПЦ упорно стои на својот став дека треба да ги има под контрола териториите на некогашна Југославија, каде што ширеше српство наместо Христијанство, нешто што очигледно, според духовните закони, им се враќа и удира од глава. Јасно е дека патријархот со голема мудрост и смирение повторно го востановува со векови нарушуваниот авторитет на Вселенската патријаршија, но и поредокот во црквата, онака како што предвидуваат и соборските одлуки, вели архимадрит Партениј.
Потестува дека ползувајќи го своето право да свикува собори, патријархот Вартоломеј во 2016 година го свика Сеправославниот Собор во Крит, на кој остана непроменето правото на Вселенскиот патријарх да дава томоси за автокефалија и да биде арбитер во меѓуправославните спорови.
– За жал, на тој Собор, токму оние Цркви кои најмногу уценуваа и поставуваа услови за да присуствуваат, и покрај тоа што им беа прифатени сите приговори, крајно нељубезно и во последен момент го откажаа своето присуство. Истите тие, денес бараат нов сеправославен Собор, затоа што се директно засегнати од последните случувања. Но, Собор од таков вид може да свика единствено Вселенскиот патријарх, а сите сме свесни дека нема повторно да го направи тој чекор, зашто тогаш кога го свика, наместо присуство – доби навреда. За неупатените треба да напомнеме дека за епископите откажувањето присуство на собор свикан од нивниот претстојател или од Вселенскиот патријарх е кршење на епископскиот завет што се дава на самиот чин на ракополагање, кога ракополаганиот ветува дека дури и по цена на својот живот ќе присуствува на секој собор на кој е повикан, во најмала рака со претставник. Сега, пак, од одредени кругови слушаме изјави дека за некои Вселенската Патријаршија повеќе не е највисок авторитет, што претставува тежок удар на целото Православие и голема соблазна, вели отец Партениј.
Одлуките на Вселенската Патријаршија во однос на автокефалиите, нагласува игуменот на Бигиорски, треба да бидат почитувани од сите.
– Бидејќи во спротивно се нарушува кохезијата меѓу помесните православни цркви и на тој начин се доаѓа до разни варијации на Православието, што воопшто не е во духот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Автокефалноста не значи буквална независност и самодоволност, ами взаемна зависност на членовите во едното Тело Христово, укажува отец Партениј.