Вебер: Прашањето за името мора да се затвори и Македонија да добие европерпектива

Лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, кој e кандидат за претседател на Европската комисија на претстојните избори во ЕУ, изјави дека е неопходно решение за спорот за името меѓу Атина и Скопје и отворање на европерспективата на Македонија.

– На сите им е јасно дека прашањето за името мора да биде решено и на Македонија да и се овозможи позитивна економска и европска иднина, вели во изјава за Еурактив, Вебер, кој беше критикуван дека не се изјаснува за Договорот од Преспа и за негативниот став на грчката опозициска партија и членка на ЕПП, Нова демоктратија.

Според првиот човек на ЕПП, одговорноста за договорот, неговото финализирање и имплементирање е на Владата во Атина и за тоа не е неопходна поддршка и од опозицијата.

-Формално, опозицијата не мора да го прифати постигнатиот компромис. Улогата на опозицијата е да дава алтернативи, а Нова демократрија и нејзиниот лидер Киријакос Мицотакис не се против начелото за изнаоѓање компромис, истакна Вебер.

Германскиот европратеник Елмар Брок од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, пак, вели дека очекува Нова демократија да го прифати Преспанскиот договор по неговата ратификација во Парламентот. Истакнува дека ова прашање е дискутирано во Европскиот парламент и оти Нова демократија се изјаснила дека ќе го почитува ратификуваниот договор кога ќе дојде во позиција да ја предводи грчката влада.

-Нова демократија кога ќе дојде на власт ќе го прифати и имплементира ратификуваниот договор. Партијата никогаш не кажала дека нема да го прифати ако тој биде ратификуван во Парламентот на Грција, изјави Брок за Еурактив.

Тој очекува Договорот од Преспа да биде високо на агендата на средбите што денеска и утре во Атина ќе ги има германската канцеларка Ангела Меркел со грчкиот државен врв и со лидерите на опозицијата.

Елмар Брок очекува Меркел да ја повори поддршката за Преспанскиот договор и за обезбедување на  неопходното мнозинство во грчкиот Парламент за негова ратификација.