Меркел во дводневна посета на Атина

Под силни безбедносни мерки, со закажани протести, но и забрана за собири, со средби со грчкиот државен врв и веројатно со Договорот од Преспа меѓу темите на агендата, германската канцеларка Ангела Меркел денеска пристигнува во посета на Атина.

Во попладневните часови, ќе сретне со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, по што ќе следи прес конференција, додека пак утре, откако ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, ќе биде примена и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, во утре напладне, Меркел ќе оствари средба и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Според грчките медиуми, веројатно е дека на средбите на германската канцеларка во грчката престолнина, една од темите ќе биде и Договорот од Преспа.

Во синоќешното интервју за грчката телевизија Open, Алексис Ципрас рече дека Меркел, веќе извесно време сакала да дојде во Грција, а нивната врска е врска на доверба.

За поддршката на Меркел на Договорот од Преспа, грчкиот премиер истакна дека „секој логичен човек во Европа ќе го поддржи договорот“.

Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки, како што веќе објави МИА, пред два дена рече дека Кирјакос Мицотакис на Меркел ќе ѝ ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа.

-Госпоѓата Меркел ги знае позициите на Нова демократија за прашањето за Скопје и господинот Мицотакис ќе ги повтори овие позиции на средбата што ќе ја имаат: Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент во кој ќе има мнозинство. Мислам дека е јасно дека господинот Мицотакис она што го кажува јавно го кажува и на средбите, рече Спираки на брифингот со новинарите во вторникот.

Посетата на Меркел на Атина ќе биде под драконски безбедносни мерки, со ангажирани над 2000 полицајци од сите служби на грчката полиција. Паралелно анархистички групи и организации, левичарски вон парламентарни партии и Златна зора за попладнево закажаа одвоени протести, во различни делови на центарот на Атина против посетата на Меркел.

Од грчката полиција донесоа одлука да се забранат протести, но местото каде што е закажан собирот на анархистичките и левичарските групи не е во „забранетата зона“. Единствено нема да можат да стигнат до грчкиот Парламент.

Протестот на Златна зора, пак, е закажан во дел што за кој постои забрана од полицијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, германската канцеларка, предвидено е денеска во 17.30 часот по локално време да слета на атинскиот аеродром, а од грчката престолнина ќе си замине утре во 16.30 часот по локално време.