Уставните измени во финална фаза пред пратениците, двотретинското мнозинство ќе се знае на денот на гласањето

Уставните измени во третата и последна фаза се на дневен ред на денешното продолжение на собраниската седница, откако вчера со 78 гласови „за“ беше усвоен дневниот ред на 75. седница, на кој, меѓу другото, се и предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите.

За завршувањето на третата и последна фаза од уставните измени, кои произлегоа од Договорот од Преспа е потребно двотретинско мнозинство, кое премиерот Зоран Заев се обидува да го обезбеди, а за кое вели дека ќе се знае дали го има на денот на гласањето.

Секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општиот претрес, па претресот по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство. Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се отвора уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.

Заев вчера преговараше со Беса на Биљал Касами во врска со нивните барања во однос на амандманите, а претходно беа прифатени дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села.

Заев во интервју за Сител вчера рече дека двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени се уште нема и додаде дека тоа ќе се знае на самиот чин на гласање. Нагласи дека барањата на Алијансата на Албанците биле од технички аспект и тие се прифатени, а во однос на останатите барања, за кои се разговара, појасни дека се бара најдоброто решение за граѓаните од албанско етничко потекло.

-Во однос на останатиот дел за кој се разговара апсолутно се бара решение, затоа што во државјанството пишува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, да не бидат номинирани како Македонци оти се Албанци, а сепак се граѓани на Република Северна Македонија или досега Република Македонија. Во една ваква констелација верувам дека ќе изнајдеме решение, тука се бара начинот, истакна Заев.

Седницата денеска ќе почне во 13 часот, како што најави вчера претседателот на Собранието Талат Џафери, по експозето на Заев пред пратенците во врска со последната фаза од уставните измени, во кое побара позитивна одлука, која ја нарече историска и можност за подобар живот за сите граѓани на Република Македонија.

-Вашата позитивна одлука тука во Собранието денеска ја приближува Македонија до членството во НАТО, до моментот кога македонското знаме гордо ќе се вее на јарболот во Брисел со знамињата на останатите земји-членки, но исто така и ја прави извесна можноста во јуни да ги отвориме првите поглавја во преговорите со Европската унија, кои треба да ги затвориме во 2025 година, им порача вчера Заев на пратениците од собраниската говорница.

Изрази благодарност до коалициските партнери, ДУИ, ДПА, Беса на Африм Гаши, до осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои покажале конструктивност во целиот процес за разлика од останатите пратеници од македонскиот опозициски блок, до пратеникот од ГРОМ, Панчо Миноов. Од собраниската говорница им се заблагодари и на Алијансата за Албанците и на партијата БЕСА на Касами.

-Очекувам дури и конечните одлуки од БЕСА на Биљал Касами ќе останат позитивни токму во фокус на подобрување на уставните измени, рече Заев.

По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување. Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски вчера информира дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, како што изјави и лидерот на партијата Христијан Мицкоски претходно пред Собранието, нема да учествуваат на седницата и нема да дадат легитимитет за промена на Уставот.

Пред Собранието во исто време се одржуваше протест во организација на здруженијата „Македонија блокира“, „Христијанско братство“, партијата „Единствена Македонија“, „Твордокорни“ против уставните измени. Најавија дека протестот ќе продолжи и денеска.

Македонското Собрание на  19 октомври со 80 гласа ја донесе одлуката за пристапување кон уставните измени. Иако потребното двотретинско мнозинство во правата фаза од менување на Уставот беше неизвесно до самиот почеток на гласањето, сепак во последен момент освен 72 пратеници од владејачкото мнозинство за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. За втората фаза, која помина минатиот месец, беа потребни 61 глас од вкупно 120 пратеници.