Судовите не се отворени кон јавноста, што ја отежнува работата на новинарите

Судовите потфрлаат во својата транспарентност кон јавноста и постои негативна пракса на недоволна аргументираност на одлуките за исклучување на јавноста од следење на кривичната постапка, како и намалување на онлајн објавените информации на судовите.

Новинарите при известувањата за судски постапки се соочуваат со повеќе практични проблеми од правото за следење и снимање/фотографирање со обезбедено решение на Врховниот суд, до пристапот на документи и задржување на документи за лична идентификација. Ова се дел од проблемиет за што се дискутираше на денешната трибина со новинари „Јавноста во кривичните постапки-практични проблеми“, во организација на веб порталот „Сведок“ во соработка со Здружението на новинарите на Македонија.

Според Саше Димовски од „Сведок“, сега е период кога се отвораат законските решенија кои го регулираат прашањето за јавност во кривична постапка и претставува можност да се притисне како фела за соодветни измени. Затоа, како што посочи, согледувањата и препораките ќе бидат доставени до Министерството за правда.

– Видете ја фрапантната разлика меѓу скопските судови, кои во текот на денот веројатно носат по 500 одлуки. Во периодот јануари-март 2017 година Основниот суд Скопје 1 на својот сајт објавил 33 одлуки, Основниот суд Скопје 2 – 23 одлуки, а за разлика од нив Основниот суд во Битола 456, Судот во Штип 180 предмети, додека Основниот суд во Струмица 365 одлуки, рече Димовски.

Посочи дека доколку сакате да користите судска одлука необјавена на сајтот не може да дојдете до неа, а ако отидете во судот бидејќи немате правен интерес не можете да ја добиете и сетоа тоа го отежнува работењето на новинарите.

Драган Секуловски од ЗНМ, рече дека е важно судските процеси да бидат транспарентни за да се олесни работата на новинарите, а изминатите години имаме примери каде се попречува новинарите да ја вршат својата работа во судниците и слободно да известуваат за судските постапки, како и тоа што пониските судови го спорат присуството на новинарите кои работата во онлајн медиумите.

Извршната директорка на Коалицијата Сите за правично судење Натали Петровска, истакна дека за едно судење да биде фер и правично, мора да биде јавно и транспарентно.

– Во нашето следење изминатиот период се сретнавме со еден интересен тренд на обратна пропорционалност. Колку судењата се поинтересни за јавноста, толку нивната транспарентност се намалува. Ако во 2015 година јавноста била исклучена од пет проценти од мониторираните постапки, во 2016 тоа да биде 20 отсто, за веќе 2017 година да биде 30 проценти, изјави Петровска.