МИОА: Зајакнати капацитетите за сајбер безбедност во соработка со Светска банка

Минатата  година беше клучна за зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност во Македонија. Во таа насока е и партнерството на Министерството за информатичко општество и администрација  на РМ со Светска Банка која во Вашингтон одржа завршен настан со учесниците и поддржувачите на  „Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, соопшти денеска МИОА.

На завршниот настан се дискутирало за регионалниот пристап и потенцијалните регионални приоритети во земјите од Западен Балкан во областа на сајбер безбедноста и биле презентирани идеи за структурирање на регионалната соработка и начините на нивна имплементација. Особено внимание, според МИОА, е посветено на иницијативата на Република Македонија за основање регионален центар за обуки и истражувања во сајбер безбедноста и е презентиран модел за успешна имплементација на ваков тип на центар во рамки на глобална компанија.

– Од земјите во регионот, Македонија беше издвоена како земја во која е остварена најдобра соработка и комуникација при проценката на капацитетите за зрелост за сајбер безбедност, како и  голем процент на приоретизација на препораките од добиениот извештај. Имено, 70 проценти од препораките се вклучени во Националната стратегија за сајбер безбедност, а останатите се дел од Акцискиот план. Исто така, како што беше посочено, Македонија го објави Извештајот за проценка на капацитетите за сајбер безбедност во август 2018, со што покажа транспарентност и спремност за идна соработка во оваа област, се наведува во соопштението од МИОА.

Македонија е меѓу шесте држави вклучени во  овој циклус на „Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Гана, Киргистан и Мијанмар.  Програмата во државава почна во јануари минатата година со проценка на капацитетите на зрелост, како трета земја учесничка во оваа програма во регионот и деветта во Европа. Извештајот од проценката на капацитетите за зрелост обезбеди проценка на националните капацитети за сајбер безбедност, преку проценка на институции како и организации од приватниот сектор и граѓанскиот.

– Остварувајќи значителни придобивки од оваа програма, во краток временски период Македонија реализираше значителен прогрес во полето на зајакнување на националната сајбер безбедност – Владата ги усвои првата национална Стратегија и Акциски План за сајбер безбедност, одржани беа неколку настани за зајакнување на капацитетите од областа на сајбер безбедноста, како и активности за подигнувањее на свеста кај населението. Следни чекори во рамки на зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност се во насока на основање на регионална академија за сајбер безбедност, како и иницијативи за подигнување на свеста за сајбер безбедност и едукативни настани, информира МИОА.