ЗНМ бара јасна одредба во законските измени со која ќе се забрани трошење јавни пари во медиумите

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го поздравува договорот меѓу власта и опозицијата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Смета дека измените ќе придонесат  за создавање подобри услови за работа на радиодифузерите во Македонија, но изразува загриженост околу содржината на членот 102 кој се однесува на забраната за рекламирање со јавни пари.

Наместо јасна одредба со која ќе се забрани трошење јавни пари во медиумите, во овој член, забележува здружението, се вели дека „институциите нема да предвидат средства во буџетите за трошење во медиумите“.

-Предупредуваме дека ваквата двосмислена одредба може да се злоупотребува во иднина, институциите да не предвидат средства за медиумите во нивните буџети, но можат да ги пренаменат од други ставки, со цел да ги вложат во разни медиуми, посочува ЗНМ.

Според ЗНМ, новиот модел на избор на управните органи и системот на финансирање на Македонската радио телевизија и на медиумскиот регулатор ќе го намали политичкото влијание врз овие клучни институциите во медиумскиот сектор и ќе придонесе за нивна поголема независност и професионалност.

Здружението оценува и дека укинувањето на владиното субвенционирање за домашната продукција во националните приватни телевизии и намалувањето на квотите за домашна продукција за радиодифузерите ќе придонесе да се прекинат клиентелистичките врски меѓу медиумите и власта и да се спречи евентуална можност за влијание врз уредувачка политика на медиумите.

Со новите измени, дополнува, казните за медиумите се намалуваат и стануваат делумно пропорционални, а се намалува и надоместокот за дозволата за сите радиодифузери. Со ова се намалува можноста регулаторот, односно судот да ги користи непропорционалните казни како средство за притисок врз медиумите, а намалувањето на надоместокот ќе ја олесни финансиската кондиција на медиумите.

-Овој закон е само почеток на долго најавуваните реформи во медиумскиот сектор, но само доколку се имплементира на соодветен начин и се отстранат некои двосмислени членови. Очекуваме и други битни законски решенија, за кои е веќе укажано од новинарската и медиумска заедница наскоро да бидат донесени, наведува ЗНМ.