Заев нема да се кандидира на претседателските избори

Премиерот Зоран Заев нема да се кандидира на претстојните претседателски избори, кои како што претходно најави претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе ги распише на почетокот на февруари.

Заев, како што информираат владини извори, поддржува одржување парламентарни избори заедно со претседателските, но сепак за тоа треба да се прашаат и коалициските партнери, а некои од нив не ја поддржуваат таа идеја.

Најголемиот дел од анкетираните граѓани го гледаат премиерот Заев на претседателската функција, покажа неодамна објавеното истражување на јавното мислење, спроведено од МЦМС и Телма. Заев исто така се јавува со највисок рејтинг и како евентуален консензуален кандидат. За него би се определиле најголемиот број од Македонците и Албанците.

На прашањето доколку утре се одржат претседателски избори за кој кандидат би го дале својот глас, 12,4 отсто од испитаниците се определиле за Заев, а 8,2 отсто за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и за министерот за надворешни работи Никола Димитров.

За Стево Пендаровски би гласале 6,8 отсто од испитаниците, пет отсто својот глас би го дале за Бујар Османи, додека за Имер Селмани, кој веќе еднаш се проба во претседателска трка се одлучиле 5,8 отсто од анкетираните.

По нив следат Теута Арифи со 3,4 отсто, Тања Каракамишева со 2,7 отсто, Гордана Силјановска и Трајко Славески со по 2,4 отсто. Толку има и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска 2,4 отсто, Оливер Спасовски и Мирјана Лазарова Трајковска добија доверба од 1,4 отсто од анкетираните. 

Сепак, мнозинството од анкетираните, односно 19 отсто идниот шеф на државата не го гледаат во ниту еден кандидат, додека 14,9 отсто се уште не одлучиле.
Како евентуален консензуален кандидат, што е став на ДУИ, најголема поддршка и кај Македонците и кај Албанците има премиерот Заев. За него би гласале 10,2 отсто од Македонците и 11,2 отсто од Албанците. Втор би бил Никола Димитров, а трет е Стево Пендаровски.