Сливница и манастирот Света Богородица – 1 дел

СЛИВНИЦА И МАНАСТИРОТ СВЕТА БОГОРОДИЦА  I дел

Името   на   селото   Сливница   се   среќава   во   најстар   запис   од    16   век   и   гласи вековите во разни записи се среќава како Сливница и Слимница. Во поновите записи од 19-20 век почесто е името Слимница. Дијалектно останува како Слимница, а во маке-донскиот литературен јазик останува Сливница. Етимологијата потекнува од зборот -слива.

Така, Влогимјеж Пјанка пишува дека е топографско, изведено со помош на суфиксот „ница” од апелативот „слива” (супстанцирана придавка слив-н + ица) што се совпаѓа со преданијата на сливничани. Меѓутоа, можно е името Сливница да потекнува од карактеристиките   на   теренот,   на   пример,   сливно   (ерозивно)   подрачје,   какво   што   е сливничкото.Во овој труд селото го именуваме Сливница, а манастирот Слимнички, со огле на неговото современо именување од населението.

Селото Сливница е сместено во Долна Преспа на источната страна од Големото Преспанско Езеро. Тоа е лоцирано на падината во западното подножје на Баба Планина, од левата страна на асфалтниот пат Макази – Маркова Нога, а на надморска височина од 900 м. Сливница е преместено село. За негова претходна местоположба се спомнува месноста Шуица на 1,5 км јужно од денешната, на која се уште постојат видливи остатоци (црква, гробишта и др.).

Се пренесува сеќавање дека претходната локација била напуштена негде во текот на 18 век no еден напад на селото од некоја поголема разбојничка банда, кога повеќе луѓе биле убиени, а селото целосно ограбено и запалено. Еден дел од преживеаните жители се населиле во соседното село Арвати, а другиот дел подигнал свои огништа на местото на кое денес се наоѓа селото.

Сливница има интересна географска положба: од север се граничи со селата Претор и Курбиново, од исток со селото Маловиште, Битолско, од југ со Арвати и Крани и од запад со водите на Преспанското Езеро.

Manastir2

Сливмичкиот манастир

Атарот на Сливница зафаќа ридско-планинско земјиште обраснато со даб, бука и смрека, а на повисоките места постојат помали планински пасишта. Во непосредна близина, односно северно од селото, тече таканаречениот поток Сливничка Река, а јужно од селото потокот, Шуичка Река. Во летниот период, двата потока целосно пресушуваат. Во понискиот дел на падината под селото има цветни ливади, јужно од нив убаво обработени лозја, а во тесниот крајбрежен појас овошни насади и песочни плажи.

Сливница е повеќевековно христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано во 16 и 17 век во Слепчевскиот кодик (Селшичев) и во 1568/69 година во турските пописни документи за казата Горица, а во 1687 година во еден натпис на манастирската црква Света Богородица.

Исто така е забележано во некои турски документи за ајдутството и арамиството во Македонија, во 1865 година во патописот на Јохан Хан, во 1889 година во делата на Стефан Верковиќ, во 1900 година во делата на Васил К’нчов, во 1902 година кај Лев Огненов, во документите и спомените од Илинденскиот период, во 1925 година кај Ѓорѓе Киселиновиќ и други автори.

Селото е од збиен тип со околу педесетина куќи, старите целосно обновени, а има и новоизградени, внатре современо опремени и безмалку сите наредени од двете страни на една иста асфалтирана улица. Преовладуваат белите фасади со кои селото целосно се открива.

За прв пат во своето постоење, со училишна зграда селото се здобило во 1946 година (дотогаш сливничките основци учеле во Крани), со задружен дом во 1951 година, со систем за наводнување во 1956 година, со електрична енергија во 1958 година, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1970 година, со асфалтен пат во 1987 година и со телефонски приклучоци во 1988 година.

Денес во селото постојат приватни продавници на стока за широка потрошувачка и бензиска пумпа. Бензинската пумпа што e лоцирана на патот Макази-Маркова Нога е единствен објект од таков вид во Долна Преспа. Во периодот по 1970 година, северозападно од селото, покрај брегот на езерото, е подигната викенд-населба со околу стотина убаво изградени викенд-куќички.

Во атарот на Сливница постојат повеќе локалитети од археолошко значење и тоа: Крш Полена, Кула, населба од доцноантичкото време, Сливница, населба од римското време, Шуица, средновековна црква и некропола, и др.

Во Сливница постојат пет цркви и еден манастир. Црквата Свети Димитрија се наоѓа во селото, изградена при крајот на 18-от или во почетокот на 19-от век. Во нејзиниот круг се селските гробишта. При изведувањето на некои градежни работи во текот на 1996/97 година, тука била пронајдена плоча со натпис „Света Петка” што упатува на можноста некогаш црквата да се викала така, по примерот на онаа од претходната локација на селото, но нема сознанија за причините на промената.

За црквата Свети Атанас, што се наоѓа северозападно од селото покрај патото Макази – Маркова Нога, нема податок за нејзината изградба. Се претпоставува дека потекнува од периодот на 19 век. Црквата Свети Никола е на околу 2 км источно од селото, во месноста Солиште и во нејзиниот круг постојат стари гробишта. Црквата Свети Петар е на околу 2 км североисточно од селото (во долината на Сливничка Река) и нема податок за нејзината изградба. Црквата Свети Петка е на околу 2 км источно од селото (во месноста Шуица) и во нејзиниот круг постојат гробишта од постарите генерации сливничани. Веројатно станува збор за црква од 17-от или 18-от век.

Manastir3

Седумтечислениците во манастирот Света Богородица во Сливница

Манастирот Пресвета Богородица (Богоројца), кому е посветена оваа книга од авторите проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ и публицистот Славе Николовски-Катин, се наоѓа на околу 3 км североисточно од селото Сливница. Овој значаен и по многу нешта интересен верски објект е еден од ретките сочувани манастири во Преспа. Тој е распослан на живописна ливада во горниот дел на Сливничка Река, опкружен со високи падини што стрмо се спуштаат од Баба Планина кои се покриени со густа дабова шума.

Според народното верување црквите и градбите посветени на Пресвета Богородица најчесто се јавувале на важни премини, кои на населението и задавале одредени тешкотии, а верувале дека силата на Пресвета Богородица ќе им помогне полесно да се премине и прооди новиот премин. Дури и легендата што ја зедовме како мото на книгата (забележана од Бојан Пупалевски на 18 декември 2004 во Ресен) укажува на одреден премин.

Манастирот го посетивме во делник, во еден пролетен ден кога дабовата шума даваше посебна слика и ја збогатуваше убавината на овој дел од Преспа. Патот за манастирот се дели од селото на јужната страна и по неколку остри кривини се искачивме над селото. Застанавме на височинката од каде се гледаше распосланото Преспанско Езеро. Глетка од која здивот застанува. Се насладувавме на природната убавина и тука, свртени кон езерската шир, разговаравме за минатото, сегашноста и иднината на Преспа. Потоа патувањето со „Симката” го продолживме низ дабовата шума и за петнаесетина минути стасавме до влезот на манастирот Света Бородица.

Тука не пречека двокрилната железна манастирска порта на која пишува: Манастир Света Богородица. Таа е поставена на јужната страна на манастирот и претставува главен влез во манастирскиот двор. Манастирскиот комплекс е заграден со високи камени ѕидови. На источната страна се сместени обновените конаци со поголем број соби и чардаци, како и големата трпезарија, во која особено за славата на манастирот доаѓаат поголем број гости. Во манастирскиот двор, веднаш до црквата е старата чешма, од која постојано тече пивка планинска вода.

Горните текстови се дел од монографијата „Ореолот на Дева Марија и Света Богородица Слимничка во Преспа” чиј автори се д-р Вера Стојчевска-Антиќ и публицистот Славе Николовски-Катин, а е посветена на дел од вистината за Дева Марија. Книгата е содржински богата во однос на култот на Дева Марија проследен со текстови од многу книги посветени на нејзиниот живот. Оваа значајна и по многу нешта единствено дело е исто така посветено на Пресветата Дева Марија и на Слимничкиот манастир изграден во 1607 година, кој одбележува 410 години од своето постоење

Продолжува

Пишуваат: Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН