Димовски бара Собранието да не расправа за законите за банки и за УЈП

При утврдување на дневниот ред на 71-та седница на Собранието на Република Македонија на ден 18.12.2018 година, побарав да бидат тргнати точките Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за банките, по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, по скратена постапка. Имено, со овие законски измени се предвидува Управата за јавни приходи да има пристап до трансакциската сметка на секој граѓанин со што се прекршува член 18 од Уставот на Република Македонија, кој гласи:

„Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците“.

Почитувани, доколку се прифатат законските измени, носителите на платниот промет (банките) ќе имаат обврска до крај на февруари да ги достават сите податоци за прилив на средства на сметки на физички лица за 2018 година. Податоците кои ги бара УЈП се однесуваат на банката, физичкото лице – примач (ЕМБГ, основ на прилив) и налогодавачот (назив и седиште, односно име и презиме и адреса доколку е физичко лице, износот на приливот, земја од кај што е налогодавачот и др.). Доколку овие законски измени стапат во сила, банките ќе бидат обврзани да ги доставуваат горенаведените податоци најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.

Во текот на денешниот ден до сите пратеници во Собранието на Република Македонија ќе ги доставам Соопштението на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Иницијативата на Македонска банкарска асоцијација, членот 18 од Уставот на Република Македонија и членот 5 од Законот за заштита на личните податоци, со цел да ги имаат во предвид при гласањето.

Очекувам од сите пратеници да застанат на страна на граѓаните и да ги отфрлат предложените измени и дополнување, со цел да не ја нарушат сигурноста и тајноста на личните податоци.

Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Илија Димовски