Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, порача денеска во Брисел премиерот Зоран Заевво изјавата по работниот ручек со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини со лидерите од Западен Балкан. Претходно тој имаше билатералната средба со европретставничката Могерини, како и средбата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
На средбите било разговарано за актуелните случувања во Македонија во однос на уставните измени, законот за амнестија, целокупниот процес на помирување, но и за регионалните прашања, меѓу кои отвореното прашање меѓу Косово и Србија.
-Убедени сме дека можеме да помогнеме во целиот процес со искуството што го имаме од Преспанскиот процес, тоа може да биде искуство и за ова проблематично прашање на Балканот. Дефинитивно Балканот има заедничка иднина и мораме сите заедно да работиме на таа иднина да си помагаме меѓу себе и да имаме разбирање меѓу себе. Верувам дека ќе помогнеме сите во целиот овој процес за наоѓање решение, нагласи Заев.
За работниот ручек што го организираше европската претставничка, Могерини, со лидерите на Западен Балкан, рече дека поминал со изразена заедничка согласност за решавање на билатералните прашања во духот на регионалната стабилност, при што било констатирано дека државите можат да си помогнат едни на други во процесите.
Истакна дека на средбата со Туск, тој дал поддршка за тоа што во моментов се случува во Република Македонија.
-Тој е еден од најголемите поддржувачи за успешноста на целот овој процес и застапник на европските манири и начинот на храброто водење на европските политики и секако на резултатите, кои ги очекуваме од спроведувањето на целиот овој процес, рече Заев.
Туск, како што информираше, му дал гаранција дека со завршувањето на овој процес и на реформите извесно е дека Македонија во јуни ќе добие датум за преговори на Европскиот совет.
Со Могерини, рече Заев, разговарале детално за сите случувања во Македонија, меѓу кои и законот за амнестија. ЕК, додаде тој, е детално информирана за процесот на помирување и силно го охрабрува тој процес.