Буџетот за 2019 пред пратениците – повисоки плати и намален дефицит

Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО се клучните цели на Предлог-буџетот за 2019 година. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски образложувајќи го дополнетиот предлог буџет пред пратениците во Собранието, кој наведе дека Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството.

Вкупните приходи се планирани на 210,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит ќе изнеусва 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

Министерот Тевдовски истакна дека ова претставува намалување на дефицитот за половина милијарда денари, односно од 2,7 отсто од БДП во 2018 година и тоа, според него, најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на повисоки плати и поголема поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда.

– Ние сме цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото, рече Тевдовски. 

Министерот истакна дека даночните приходи за 2019 година се планирани во износ од 121,9 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект од воведувањето на праведното оданочување од околу 1,5 милијарди денари. -Оваа мерка се презема со цел да се намали доходовната нееднаквост во Македонија, која е моментално меѓу највисоките во Европа, како и со цел да се обезбедат дополнителни буџетски средства за вложувања во јавни услуги и инфраструктура, рече министерот за финансии. 

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 62,3 милијарди денари. Овие очекувања,  како што рече министерот, ги вклучуваат и реформите за постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување негова оддржливост.

Со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поен и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен. Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 1,1 милијарди денари. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем. 

 Вкупните расходи планирани се на 228,5 милијарди денари, и се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.

-Тековните расходи за 2019 година се планирани во износ од 202,6 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5 отсто, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија, рече Тевдовски. 

За исплата на плати се предвидени 28,4 милијарди денари, каде се вклучени прдвидените покачувања на платите за 5 отст за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината. За стоки и услуги 19,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, каде се вклучени зголемувањето на средства за финансирање на здравствените програми, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардитекако и обезбедувањето на средства за претседателски избори во 2019 година. Тековните трансфери и субвенции во 2019 година се планирани на ниво од 145,4 милијарди денари, и се однесуваат на с оцијални трансфери, за исплата на пензии,  за паричен надоместок во случај на невработеност,  за спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 1,1 милијарда денари, за здравствена заштита 30,2 милијарди денари, каде се предвидени најавените зголемувања на платите на здравствените работници и специјалистите, за социјални надоместоци 10,3 милијарди денари, каде е опфатена целосната реформа на системот за социјална заштита преку воведување гарантиран минимален приход, социјална пензија и образовен и детски додаток, за субвенциите во земјоделството…

-За капиталните инвестиции издвојуваме значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од околу 26 милијарди денари, обезбедени од изворни буџетски средства, ИПА фондови и поволни кредити, рече министерот напоменувајќи дека за патната и железничка инфраструктура се предвидени 5,2 милијарди денари, за енергетската и комунална инфраструктура како и управувањето со отпад, 5,5 милијарди денари, 1,3 милијарди за капитални инвестиции во здравството, 2,28 милијарди денари во образованието, детската заштита и спортот, а зголемен обем на инвестиции од 3,3 милијарди денари за за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства и во областа на правосудството планирани се средства во износ од 529 милиони денари, рече Тевдовски.

Министерот соопшти дека покрај покривање на дефицитот, следната година ќе бидат потребни и 16,5 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34,2 милијарди денари. Овие средства, рече, ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Притоа наведе дека задолжувањето во странство може да се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти, како и преку заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска банка. Понатаму, со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите

Тевдовски истакна дека државниот долг на Република Македонија на 30 септември 2018 година изнесува 4,3 милијарди евра, односно 40,3 отсто од БДП, додека јавниот долг изнесува 5,1 милијарди евра, односно 48,2 отсто од БДП и додаде дека кај долгот нема поголеми промени во првите три квартали на 2018 година, односно во однос на крајот на 2017 година, државниот долг е повисок за 0,8 процентни поени од БДП, а јавниот долг за 0,4 процентни поени.

Водењето на ефикасна, домаќинска и транспарентна фискална политика, не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните. Токму тоа го постигнуваме со Предлог-буџетот за 2019. Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените, повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките, целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток, историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација, како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата, рече министерот и ги повика пратениците одговорно и сериозно да пристапат кон процесот на носење на буџетот.

Говорејќи за реализација на буџетот за годинава напомена дека заклучно со ноември 2018 година, реализацијата на приходите и приливите на Буџетот на Република Македонија е генерално во рамките на очекувањата, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.

-Во периодот јануари – ноември 2018 година, вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 169,4 милијарди денари, и се повисоки за 5,6 отсто во однос на истиот период од претходната година, првенствено како резултат на подобрата наплата на приходите од даноци и придонеси. Расходите во овој период се реализираа во износ од 178,9 милијарди денари и се за 3,6 отсто повисоки во однос на истиот период минатата година. Во периодот јануари-ноември 2018 година, остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 9,5 милијарди денари, што претставува 1,4 отсто од БДП. Дефицитот е за 2,8 милијарди денари понизок од остварениот дефицит во истиот период минатата година, истакна Тевдовски.

По обраќањето на министерот за финансии, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза за пратениците да го разгледаат експозето.

Расправата по дополнетиот Предлог буџет согласно собранискиот Деловник трае пет дена.