Берлинскиот процес носи придобивки за евроинтеграцијата на регионот

Членството во НАТО дава безбедност и сигурност на долг рок, додека зачленувањет во Европската Унија е фактички патоказ кон сите оние реформи кои ние би ги правеле во случај ако сакаме да постигнеме севкупен општествен напредок, истакна Ванчо Узунов, националниот координатор во областа на регионалната економија во Владата, на денешната презентација и дискусија за новата анализа за Берлинскиот процес „2018 Western Balkans Summit: 3 key takeaways from London”.

Наведе дека во тој контекст, Берлинскиот процес е еден предпроцес на процесот за зачленување во ЕУ, посочувајќи дека поради тоа е осмислен, од страна Германија, во фаза кога земјите од Западен Балкан се наоѓале во лимбо ситуација, незнаејќи кога ќе продолжи нивната европска перспектива.

– Процесот се состои од поврзување на земјите од Западен Балкан, пред се, во економска смисла, и неговата прва компонента е регионално поврзување на транспортните коридори и на енергетскиот пазар, а потоа и со процесот на создавање на регионална економска област, која се состои од четири столбови – слободна трговија, инвестиции, мобилност на работната сила и развој на дигитална економија, односно подготовка на овие економии за развој во 21 век, појасни Узунов.

Оцени дека процесот е многу позитивен за целиот регион, но дека се одвива со тешкотии.

– Повеќе се меша политиката од интересите во економијата. Јас само се надевам дека во скоро време ќе се сфати дека тоа не е добро за никого, ќе се надмине, и понатаму сите земји од Западен Балкан заедно ќе почнат да соработуваат и заедно да напрадуваат кон ЕУ, заклучи Узунов.

Игор Бандовиќ од Европскиот фонд за Балкан наведе дека 2018 година била „возбудлива“ за Западен Балкан, од февруари кога започнал новиот пристап на ЕУ кон Балканот.

– Веројатно најзначаен успех е Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција. Од друга страна имаме некој вид одбранбени преговори меѓу Србија и Косово. Тоа се големи и крупни работи. Постојат уште многу проблеми во регионот. Јас би рекол дека се главни оние во областа на владеењето на правото и на демократското управување на овие земји. Сите ние и граѓаните и власта на ова општество, мораме сериозно да ја сфатиме пораката дека навистина треба да се реформираме суштински, а ЕУ да ни помогне во тоа, наведе Бандовиќ.

Посочи дека во 2019 година поради изборите во Европскиот парламент, изборот на новата Комисија, нема да има многу случувања на тој план, а она што му треба на регионот е да се потпре на себе, на своите сили и на регионалната соработка. – Мислам дека е многу важно регионот да созрее и да покаже одреден степен на преземање одговорност за тоа што се случува во регионот, истакна Бандовиќ.

Во однос на Берлинскиот процес, смета дека до одреден степен тој ги донел посакуваните разултати, но дека треба уште многу да се работи.

– Бенефитите од Берлинскиот процес, како за Македонија, така и за регионот се огромни, потенцираше Зоран Нечев, раководителот на Центарот за евроинтеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис” и координаторот на „Think Think Net” од ЈИЕ.

Рејчел Галовеј, Амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија наведе дека Лондонскиот самит продуцирал три јасни цели за регионот, односно да се зајакне безбедносната соработка, да се подобри економската стабилност и да се поддржи политичката соработка.

– На Самитот нашиот министер ја искажа долгорочната поддршката за регионот, велејќи дека „ние ќе ја напуштиме ЕУ во март, но ќе останат целосно посветени на подобрувањето на просперитетот и безбедноста на Западен Балкан и во Европа. Сега и во годините кои доаѓаат“. Оваа изјава е поткрепена од објавата дека Обединетото Кралство речиси го дуплира буџетот за регионот за наредните три години, од 41 милион фунти за оваа година на 80 милиони фунти за 2020 година, наведе Галовеј.

Настанот беше во организација на Mрежата на граѓански организации од Југоисточна Европа која ги набљудува темите што се дел од Берлинскиот процес – SEE Think Net Network и Институт за демократија „Социетас цивлис“.