Филипче: Правиме се што можеме да го зајакнеме здравствениот систем

 Сериозниот недостиг на кадар заради политиките кои биле спроведувани сите години резултира со тоа сега да имаме сериозен дефицит. Веќе почнавме да го надополнуваме бројот на вработени. Имаме проблем со бројот на специјализации заради недостиг на ментори. Насекаде низ Македонија вработени се огромен број доктори и медицински сестри и нивниот број од почетокот на годинава, досега, е околу 2.300. Распишавме 250 специјализации, најкритично беше со специјалностите по педијатрија и анестезиологија поради недостиг на ментори. Правиме се што можеме да го зајакнеме системот.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека недостигаат многу работи во здравствениот систем, заради тоа што не можат се веднаш да направат.

– Меѓутоа, би рекол дека направивме еден сериозен чекор напред заради тоа што примивме сериозно голем број луѓе. Никогаш во здравствениот систем генерално на сите нивоа не се примени толу луѓе. Најмногу доктори и медицински сестри, а нешто помалку администрација. Има надополнување на опремата, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на Клиниката за детски болести.

Нагласи дека почнале таму каде било најкритично и каде биле најлоши резултатите, а тоа била Клиниката за гинекологија и на интензивната нега на Детската клиника…

– Со таа динамика продолжуваме и во 2019 година. Ја зајакнуваме инфраструктурата. Нема да може да ги решиме проблемите преку ноќ и свесни сме за тоа, меѓутоа јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат. Обезбедуваме услови, инфраструктута, опрема и експертиза во рамки на тоа што овој систем сега го овозможува, додаде Филипче.

Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ рече дека Ургентниот центар на Клиниката три години не функционира и поради недостиг од кадар не се во состојба да го пуштат во функција. Тогаш кога ќе имаме и специјалисти по педијатрија и среден медицински кадар, посочи, ќе го пуштиме во функција.

– Годинава од Детската клиника заминаа тројца специјалисти, меѓу кои една колешка од интензивна нега. Специјалисти ни се потребни, но проблем е што нема специјалисти по педијатрија. Има многу специјализанти и се надеваме дека за некоја година и тие ќе станат специјалисти. Сега имаше конкурс со кој вработивме двајца специјалисти и уште тројца специјализанти, така што ќе се засили кадарот, додаде Ставриќ.