Заев: Правична, сразмерна казнена политика и помали глоби за 60 отсто

Казните  за  бизнис заедницата од сега ќе бидат правични и сразмерни, ќе има градација меѓу малите, средните и големите фирми. Целта е да се поттикнат правичноста и почитувањето на законите. Столбот на казнената политиката ќе биде превенцијата, опомена пред казна. Инспекциските служби преку едукативен пристап и соработка ќе вршат детална и правична контрола, порача денеска премиерот Зоран Заев пред промоцијата на најдобрите 100 компании-членки на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Заев потенцира дека казните за малите фирми со новиот закон ќе се намалат за 60 проценти и максималните глоби ќе изнесуваат од 50 до 2.000 евра за разлика од глобите регулирани со претходниот закон кои достигнуваа до 5.000 евра.

-Владата им излезе во пресрет на барањата на бизнис заедницата за намалување на драконските казни кои во минатото се злоупотребуваа за затворање и уништување на фирмите, како и за уцени, компаниите од сега ќе мора да знаат дека столбот на казнената политика ќе биде превенцијата, подвлече премиерот.

Според него, со новите законски решенија малите фирми ќе плаќаат пониски казни во однос на поголемите. При одредувањето на глобата, како што рече, ќе се води сметка за остварениот приход, бројот на вработени и евентуалните претходни санкционирања.

-Во 2019 година  државниот буџет предвидува 37 отсто повеќе поддршка за бизнисите или 4,1 милијарда денари за инвестиции, нови вработувања, исплата на повисоки плати, поголем извоз, нови производи,… Притоа, критериумите ќе бидат исти за сите, и за домашните и за странските компании, напомена Заев.

Стопанствениците порачаа дека и натаму ќе останат остри критичари на владините економски политики, но исто така ќе продолжат со кооперативноста, предлагајќи што подобри решенија за уште поконкурентна и поуспешна деловна клима во земјата.

Компаниите воедно побараа владеење на правото и ефикасна администрација зашто тоа, според нив, е клучно за развој на економијата. Го повторија и барањето за инфраструктурно уредување на индустриската зона Визбегово која годишно, посочија, генерира огромен приход.

-Ќе продолжиме да бидеме коректор на економските политики, ќе бидеме критични кон пропустите на власта и ќе бараме одговорност. Но, ќе даваме и предлози, ќе бидеме поттикнувачи и поддржувачи на бизнисите, рече претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа.

Хоџа подвлече дека компаниите остварија успех и покрај тешките услови во Македонија кои особено беа изразени последниве две години.

-Несекогаш имаме поддршка од државата,но со професионалност и етика во работењето, успехот е неизбежен, истакна Хоџа.

Негова оценка едека веќе се создаваат услови за  успешна бизнис клима, но за уште подобри резултати неопходна е соработка со Владата, пред се преку почит и доверба.

На  промоцијата на Каталогот „ТОП 100“, покрај премиерот  Заев,присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи и други високи претставници од власта, амбасадори, стопанственици и други претставници од меѓународната заедница, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.