Движењето „ПРАТО“ на Коѕијас, бара Ципрас да реагира за изјавата на Каменос за можен друг договор за името

Преку соопштение, движењето „ПРАТО“ на поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, реагира и бара од Алексис Ципрас јавно да изрази несогласување до министерот за одбрана Панос Каменос за изјавата во грчкиот Парламент, за „договор под маса на Коѕијас и Заев“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Го повикуваме министерот за надворешни работи и премиер Алексис Ципрас, веднаш и јавно да изрази несогласување до претседателот на Независни Грци за клеветата во грчкиот Парламент за „веројатно постоење на таен договор Коѕијас –Заев“. Изјавата на коалицискиот партнер во Владата, во однос на Договорот од Преспа, целосно ги присвојува екстремно десничарските измислици за „тајна дипломатија на грчката Влада“, како и неприфатливите навреди од опозицијата за „размена“, соопштуваат од „ПРАТО“.

Реакцијата од движењето на Коѕијас доаѓа по изјавата на коалицискиот партнер во грчката Влада, министер за одбрана и лидер на Независни Грци кој, како што вчера објави МИА, од собраниската говорница рече дека „Договорот од Преспа е мртов, бидејќи Заев со неговите континуирани изјави, го негира самиот договор“.

-Освен ако нема направено друг договор, под маса, со Коѕијас. Тоа треба да го каже јавно. Но, ние не знаеме таков договор, рече Каменос, говорејќи од Парламентот.