Еден месец по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија поради избегнување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, новинар на британски Гардијан објави негова фотографија на Фејсбук.
– Го фатив жив! Пребегниот екс македонски премиер забележан во Будимпешта, напиша дописникот на Гардијан од Будимпешта, Даниел Нолан на Фејсбук.
На фотографијата, прва откако е избеган од Македонија, се гледа Груевски и уште едно лице во близина на пивница во главниот град во Унгарија.
Груевски ја напушти Македонија на 12-ти минатиот месец. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.
Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.
Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.
Во тек е истрага за тоа како побегнал Груевски и кој му помогнал.