Делегацијата на Република Македонија, предводена од државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, учествува на Меѓувладината конференција за усвојување на Глобалниот компакт за безбедна, уредна и редовна миграција, што вчера и денеска се одржува во Мaракеш, Мароко.
Димовски на конференцијата истакна дека во екот на мигрантската криза во Европа 2015 година, Македонија обезбедила поддршка за повеќе од 800.000 мигранти.
– Тогаш стана очигледно дека ниту една држава сама не може да се справи со толкав прилив на мигранти и дека е неопходна засилена меѓународна и регионална соработка, посочи тој.
Поздравувајќи го усвојувањето на Глобалниот компакт, државниот секретар посебно го истакна фактот што Документот овозможува секоја држава да ја утврди својата национална миграциона политика и правилата според кои ќе одобрува влез и престој на странски државјани.
– Република Македонија верува дека глобалниот компакт за миграции, како политички документ, претставува алатка за зајакнување на глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините што ја поттикнуваат, а воедно може да послужи и за справување со илегална миграција и трговија со луѓе, организиран криминал и други негативни појави што претставуваат легитимна грижа на афектираните држави, заклучи Димовски.