Министрите за надворешни и за внатрешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и Оливер Спасовски, кои учествуваат на состанокот на високо ниво на франуско-германската иницијатива за борба против илегална трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан, во своите обраќања нагласија дека оваа борба уште одамна е идентификувана како приоритет во Република Македонија, јавува дописникот на МИА.
На почетокот од своето обраќање, Димитров нагласи дека Македонија ја поддржа Иницијативата на Франција и Германија за справувањето со проблемот со илегално огнено оружје на Балканот од самиот почеток, свесни дека и покрај повеќегодишни активности на национално и регионално ниво, проблемот се уште постои, како последица на различни конфликти и „културата на оружје“ на нашите простори.
– Веруваме дека илегалната трговија и пролиферација на мало и лесно оружје претставува сериозна закана, со низа последици за просперитетот, владеење на правото и човековите права, како и економскиот и социјален развој на нашите општества, рече министерот Димитров.
Утврдениот патен налог или Патоказ за изнаоѓање одржливо решение за незаконското поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, усвоен на Самитот за Западен Балкан во Лондон на 10 јули 2018 година, според него претставува одлична рамка, комплементарна на веќе постојните национални и регионални иницијативи, за засилување на контрола и непролиферација на мало и лесно оружје.
Тој притоа инсистираше на фактот дека дополнителна вредност на овој документ е што државите од регионот, на сеопфатен начин, заеднички ги утврдиле постојните предизвици во оваа сфера, целите кои треба да се постигнат на национално и на регионално ниво, како и активностите што треба да се преземат за нивно постигнување во определената временска рамка.
Целта на сите овие акции и програми е да се овозможи координирана и ефикасна поддршка од донаторите за имплементација на целите од Патоказот преточени во националните акциски планови, што впрочем е и главната цел на денешниот состанок.
Во процесот на исполнувањето на стандардите за членството во ЕУ, Македонија, според Димитров е подготвена за потесна соработка во однос на безбедносните прашања од различен вид, вклучително и контролата на илегална трговија со мало и лесно оружје, во интерес на креирање побезбедни општества за нашите граѓани и борба против организираниот криминал.
На крајот од своето обраќање, министерот за надворешни работи на Република Македонија, посебно се осврна на улогата на медиумите. Според Димитров,„Неопходно е целото општество да се сензибилизира за проблемите врзани со илегална трговија и поседување на огнено оружје и последиците за индивидуална и колективна безбедност. И да се зголеми свеста за индивидуална одговорност во овој контекст.“
Имено, Покрај кампањите, медиумите имаат важна улога, како едни од клучните креатори на јавното мислење. Оттука објективното и несензационалистико информирање може да биде од голема корист за нашите напори во оваа област.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски своја страна информираше подетално за приоритетите на Македонија за стратегијата и акциски план и измените направени од страна на Националната комисија за мало лесно оружје со цел усогласување со Патоказот. Се очекува овој документ наскоро да биде одобрен и од страна на Владата на Република Македонија.
– Владата на Република Македонија ја ревидираше Националната стратегија за контрола на мало и лесно оружје и Акциониот план во Република Македонија која се однесува за период од 2017 -2021 година. Надно, и ги инкорпорирање седумте цели дефинирани во Патоказот кои сега веќе се преточени како стратешки цели во рамки Стратегијата за контрола на мало и лесно оружје и Акцискиот план за период 2017-2021 на Република Македонија, рече Спасовски.
За таа цел приоритет на македонското Министерство за внатрешни работи е да отпочне со изградба на информатички информациски систем кој понатаму ќе биде подготвен да се приклучи кон системите на ЕУ (SIENA, iARMSи сл.), додаде македонсклиот министер за внатрешни работи. Тој притоа ги наведе практичните оперативни аспекти, како надминување на недостатокот од полициска база на податоци во која се евидентира секоја пријава, се следи нејзиниот тек, превземените мерки, обезбедените докази (од увидот на лице место, прибрани докази од техничка, материјална, документациска природа и сл.), отворените проактивни истраги и прибраните докази во истите за лица и криминални групи па се до проследување на известувањата или кривичните пријави со доказниот материјал до надлежните обвинителства.
Спасовски нагласи дека примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси како и подигање на јавната свест преку спроведување на соодветни програми.
– Ние сме одлучни во намерата овие насоки во целост практично да бидат имплементирани во нашето делување, како во интерес на националната, така и во интерес на глобалната безбедност. Имено, соработката и координацијата се најзначајниот сегмент и предизвик со кој се соочуваат државите во борбата со криминалот, вклучително и со борбата против пролиферацијата на малото и лесно оружје, нагласи министерот Спасовски.