Кумуцакос: Нова демократија, како влада, ќе преговара за нов договор

Ако Договорот од Преспа не дојде во грчкиот Парламент од оваа Влада, тогаш отвора пат за нови преговори, вели Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија.

Во интервјуто за грчкиот весник „Реал њуз“, Кумуцакос потенцира дека претседателот на партијата, Мицотакис има кристално јасна позиција – Нова демократија нема да гласа за договорот, „ниту сега, ниту подоцна, ако Ципрас не го донесе во сегашниот парламент“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ова, за нашата влада отвора само еден пат: нови преговори. За решение заемно прифатливо и цврсто. Што целосно ќе му служи на националниот интерес. Договор ослободен од секаков елемент што го одржува и храни историски неточниот иредентизам на Скопје и опасниот национализам на различни екстремни кругови. Добро знаеме дека таквите преговори ќе бидат исклучително тешки. Ќе се водат во неповолна меѓународна средина и ќе бидат оптоварени од претходното од Договорот од Преспа. Од она што не само што беше разговарано, туку и договорено од владата во заминување на СИРИЗА и Независни Грци, вели Кумуцакос и додава дека оваа тешкотија не ги плаши бидејќи нивен компас е националната должност и националниот интерес.

Во однос на изјавите на премиерот Заев што предизвикаа реакции во Грција, одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, вели дека во договорот јасно пишува дека официјален јазик на втората страна ќе биде македонскиот јазик.

-Под притисок на опозицијата во Скопје, господинот Заев ги кажа гласно оние работи за кои длабоко верува. Оние работи што писмено и јасно се споменати во Договорот од Преспа во член 1.3 „официјален јазик на втората страна ќе биде македонскиот јазик“. Односно во меѓудржавен договор, Грција се обврза да го прифати постоењето на македонски јазик и националност. За ова се договорија господата Ципрас, Коѕијас и Каменос. Не се поставува прашање на толкување. За да ги парафразирам зборовите на премиерот, Заев едноставно “живее” во текстот на Договорот од Преспа, вели Кумуцакос во интервјуто за грчкиот весник