Ципрас: Договорот од Преспа отвора перспектива на мир и соработка во регионот

Имаме многу важен договор со северните соседи, договор што се однесува на перспективата на соработка и мир во регионот, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за руската емисија „Formula of Power“ и објаснува дека за Грција, Договорот од Преспа не е поврзан со одлуката на соседот да влезе во некоја меѓународна организација, туку е поврзан со решавањето на едно историско нерешено прашање“.

Ципрас изразува надеж дека од сега па натаму голем број земји во светот, вклучувајќи ја и Русија, „ќе престанат да ја признаваат соседната земја под нејзиното денешно уставно име и ќе ја стават географската одредница Северна Македонија“.

-Сметам дека овој договор е историски чекор, што за Грција воопшто не е поврзан со изборот на соседите дали ќе влезат во некоја меѓународна организација или не, но е поврзано со решавањето на едно историско нерешено прашање во однос на името на соседот, што верувам дека од сега па натаму ќе се промени и ќе им овозможи на голем број земји во светот, вклучувајќи ја и Русија, да престанат да ја признаваат под нејзиното денешно уставно име, односно името Република Македонија, туку ќе ја стават географската одредница Северна Македонија, бидејќи Македонија за нас е многу важен елемент на нашето античко- грчко, културно наследство и култура, па така, тука треба да постои јасна и искрена поделба. За мене ова е еден важен чекор, вели Ципрас во интервјуто.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер потенцира дека не само што Грција излезе од кризата, туку дека „земјата ја надгради нејзината геополитичка улога во регионот како сила на стабилност, безбедност и соработка“.