Хрватска силно ќе ги поддржи процесите за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Ваква порака добил премиерот Зоран Заев на денешната средба во Загреб со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.
Хрватската претседателка, како што соопшти владината прес-служба, изразила надеж дека Договорот со Грција ќе биде брзо ратификуван во Парламентот и додала дека Хрватска ќе продолжи да и дава и техничка поддршка на Македонија во евроатланските интеграции.
Премиерот Заев рекол дека очекува успешно завршување на процесот во Парламентот со што ќе се овозможи и брзо членство во НАТО, а тоа ќе отвори и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
На средбата со хрватската претседателка биле разгледани можностите за соработка во инфраструктурата, поштенските услуги и фармацијата, а премиерот Заев изразил очекување дека двете држави ќе ја разменат трговската размена и инвестициите.
Поддршка за евроинтегративните процеси на Македонија, премиерот Заев добил и од претседателот на хрватскиот Парламент Гордан Јадроковиќ.
– Посветено работиме на домашните реформи. Низ инклузивни политики се обидуваме да работиме и во Парламентот, посебно за прашања од стратешки интерес. Очекувам да се зголеми парламентарното мнозинство во поддршката на уставните амандмани, реализацијата на Договорот од Преспа и конечно Македонија да влезе во НАТО и да почне преговори со ЕУ, истакнал Заев на средбата со Јадроковиќ.
Македонската делегација ја продолжува посетата на Хратска со заедничка вечера што ја организира премиерот Пленковиќ како домаќин на утрешниот самит на шефови на влади на земјите членки на ЦЕИ.