КСС уште од јануари бара поголемо зголемување на платите од предвидените пет отсто

Конфедерацијата на слободни синдикати не се согласува со зголемувањето на платите во јавната администрацијата од септември следната година, и бара тоа да се случи уште во јануари. За нив е неприфатливо и зголемување на платите за пет проценти, како што е предвидено во Предлог-буџетот за 2019 година.

Најавуваат протести што ќе почнат во Прилеп на 15 декември, а ќе завршат со централен протест во Скопје. Не ја исклучуваат и можноста од генерален штрајк на јавната администрација.

– Не се согласуваме со зголемување на платите од септември и бараме тоа покачување да биде од јануари 2019 година и не се согласуваме со процентот што е предвиден во Предлог-буџетот од пет проценти. Не се согласуваме бидејќи минатата година имаше покачување на минималната плата и согласно законите во Македонија требаше да се направи усогласување со колективните договори, но тоа не се направи и се создаде едно порамнување на платите со носителите на дејноста и не се задржа распонот на платите по вертикала во јавниот сектор. Сето тоа доведува до напуштање на стручните кадри од јавната администрација, рече претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција.

КСС не се согласува и со најавениот трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор и смета дека парите што треба да се наменат за овој трансфер може да се пренаменат за преквалификација на јавните службеници.

Од КСС бараат и исплата на К-15 во јавниот сектор, кој сега е задолжителна обврска за приватниот сектор.