Бошњаковски: Одговорот за барањето за разрешување на Аднан Ќахил треба да се бара кај политичките субјекти

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски во врска со барањето на Партијата за движење на Турците да биде разрешен министерот без ресор Аднан Ќахил, кој е исклучен и од редовите на партијата, денеска изјави дека Владата како институција не е адресата која треба да го добие тоа барање и упати одговорите за ова да се бараат кај политичките субјекти од владината коалиција.

– Се работи за прашање коешто треба да го адресирате до коалициските партнери кои ја сочинуват Владата. Јас како портпарол кој ги пренесува програмите и одлуките на Владата, немам надлежности, ниту ингеренции да ви го одговорам прашањето. Ве упатувам на политичките субјекти, изјави Бошњаковски по денешната редовна прес-конференција во Владата.

Во однос на вицепремиерот Хазби Лика и неговото отсуство на владините седници, портпаролот Бошњаковски рече дека тој одреден период не бил присутен на седниците, но оти тоа не значело дека не ги извршува неговите тековни обврски.

– Вицепремиерот ги извршува неговите обврски од административен аспект во рамки на Владата. Во одреден период не беше присутен на некои од владините седници, но тоа не значи дека не ги исполнувал неговите тековни обврски како вицепремиер. Во последниот период, вицепремиерот Хазби Лика редовно доаѓа на владините седници, рече Бошњаковски.