Регионот со заедничка слободна економска зона и усогласени инвестициски политики ќе привлекува странски вложувачи

Неодржлив е начинот на кој земјите од регионот во моментов се трудат да ги привлечат странските инвеститори. Нудат ниски давачки, евтина работна сила и државна поддршка со што, практично, си конкурираат меѓу себе. Се „тркаат“ кој ќе биде поевтин и кој попрво и подолго ќе биде сиромашен. Тоа мора да почне да се надминува. Мора да се создаде заедничка, регионална слободна економска зона во која инвестициските политики ќе бидат синхронизирани, таксите укинати, а мобилноста на бизнисите зголемена, порачаа учесниците на денешниот форум што го организира Центарот за истражување и креирање политики.

За ваквата иницијатива има политичка поддршка, и од ресорните министри и од премиерите. Како што објасни генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС) и поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија Горан Свилановиќ, слободната зона и усогласените инвестициски политики на земјите од регионот ќе овозможат еднакви или слични услови за сериозните, големи странски вложувачи и тие, наместо во Русија или Кина, ќе доаѓаат тука, на долг рок.

-Нашите економии се мали. Само заедно може да бидеме доволно интересен и голем пазар. Идејата е зад него да стои хармонизирана инвестициска политика која ќе им овозможи на странските вложувачи да работат на целата територија во регионот. Тоа е суштината. Кога некој инвеститор ќе дојде во Скопје да знае дека ќе има исти инвестициски услови секаде во регионот и да може да вработува секаде. Корист да имаат и Србија и БиХ и Црна Гора, Албанија, Косово,…, истакна Свилановиќ.

И тој и професорот Ванчо Узунов сметаат дека засега, оние што доаѓаат да инвестираат тука, доаѓаат и остануваат само толку време колку што државата им дава пари или финансиски стимул.

-На долг рок е неодржлив начинот на кој земјите од регионот се трудат да ги привлечат странските инвеститори. Кога зборуваме за интегрирање во една зона, погрешно е да се гледа само колку странски инвестиции ќе дојдат. Тоа е половина од приказната. Идејата е колку наши, домашни инвестиции во сите овие држави ќе се поврзат со странските. Треба да се гледа вкупниот обем, а не само колку дошле од надвор. Така го гледавме до сега и ништо не постигнавме особено, подвлече Узунов.

Според него, во време на глобализација да се затворате во своја економија, апсолутно значи гаранција за лоша иднина.

-Секоја од државите во регионот, наместо да биде конкурент во работењето, треба да креира свој уникатен производ што би бил конкурентен во секоја од останатите земји од регионот, но и вид заедничка понуда на сите шест држави во трети земји, е ставот на претседателот на Сојузот на стопанските комори Данела Арсовска.

Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики укажа дека инвестициската политика е се уште многу затворена и се креира исклучиво од владините чинители, без учество на граѓанскиот сектор и бизнис заедницата.

-Инвестициските политики треба да ги отсликуваат потребите на граѓаните, компаниите и владите. Процесот на нивно креирање треба да е партнерски, порача Ристеска, дополнувајќи дека мора да се работи на инфраструктурата во регионот, на образованието, мобилноста меѓу граѓаните, иновациите и дигитализацијата.

Како што информира Узунов, националниот акциски план за реформи во инвестициската агенда е во фаза на втор речиси финален драфт, пред усвојување на влада. Денеска на форумот ќе се доусогласува со граѓанскиот и бизнис секторот за идната година да се импменетира.