Претседателот Ѓорге Иванов од Самитот „Босфор“ во Истанбул порача дека е неопходна политичка, безбедносна, економска, транспортна и дигитална поврзаност меѓу државите за да може компаниите бидат поконкурентни на глобалниот пазар, државите поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а регионите поатрактивни за директни странски инвестиции.
Осврнувајќи се на предизвиците со коишто денес се соочуваат економиите, Иванов ги посочи одливот на стручен кадар и застарениот начин на функционирање на дел од компаниите.
– Како држави успеавме да го затвориме балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација – најразвиените европски центри. Таму можат да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената ја плаќаат и државите и компаниите, подвлече Иванов.
Според него, за да се надмине регионалната фрагментираност, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност, а за Балканот тоа е членството во Европската унија и во НАТО.
– Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Република Македонија, рече Иванов.
Целта на Самитот „Босфор“ што се одржува под покровителство на турскиот претседател, е да обезбеди платформа за дијалог и да се поттикне економската соработка меѓу државите.
Во рамки на посетата на Турција, претседателот Иванов, како што најавуваат од неговиот Кабинет, ќе ја посети Бурса, каде е предвидено да одржи предавање на Универзитетот „Улудаг“