Царовска во посета на Заводот Демир Капија, се работи на подобрување на условите

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска е во дводневна работна посета на ЈУ Специјален завод Демир Капија со цел да направи личен увид во организациските промени и стручната работа, а во насока на подобрување на условите во Заводот.

Договорено е деновиве штитетниците да добијат темелни здравствени прегледи од страна на стоматолог, гинеколог, физијатар и невропсихијатар. Министерката Царовска, даде насоки и за промена на менито за да се подобри исхраната на лицата сместени во оваа установа.

Во рамки на посетата констатирано е подобрување во заштитата на децата од Заводот, како резултат на проектот на УНИЦЕФ и Сојузот на дефектолози кој започна да се реализира од август годинава. Искуствата и методите од овој проект ќе се искористат за подобрување на грижата и за возрасните штитеници.

МТСП доби дополнителна поддршка од амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија, преку Хелсиншкиот комитет за човекови права, со која се обезбеди помош за раководењето на Заводот, за подобрување на условите за стручната работа, како и за подготовка за процесот деинституционализација, односно трансформација на големите установи во домување со поддршка во заедницата и социјални услуги на локално ниво.

Оваа системска реформа ќе овозможи вистински хуман третман на лицата со попреченост и почитување на нивните човекови права.