Министерот за финансии Драган Тевдовски ќе учествува на Министерска конференција во организација на Светска банка, која се одржува во Виена, Австрија. Темата на конференцијата е „Финансиското информирање како катализатор за интеграција“.
Тевдовски, како што соопшти Министерството за финансии, утре ќе има обраќање на министерскиот панел, на кој учествуваат и потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, како и министрите за финансии на Украина и Косово, Оксана Маркарова и Бедри Хамза.
На Министерската конференција обраќање ќе има и министерот за финансии на Австрија Хартвиг Лоџер, како и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Конференцијата е посветена на значењето на транспарентноста и финансиската одговорност во јавниот и приватниот сектор и реформите за унапредување на финансиските информации. Како што истакнуваат организаторите, реформите во овој сектор придонесуваат за развој на пазарот на капитал, привлекување на странски инвестиции и развој на економијата.
На Министерската конференција учествуваат преку 300 претставници од 13 земји, меѓу кои и министри за финансии, претседатели на регулаторни тела, претставници од академската заедница и бизнис секторот, како и од институциите на ЕУ.