Џафери: Интегрирањето на целиот регион во ЕУ и НАТО се врзното ткиво на нашата држава со соседите, регионот и светот

Под мотото „За нас Сонцето изгрева на Запад“ во Македонската филхармонија се одржа свечена академија по повод 110 години од Битолскиот конгрес, односно Денот на албансакта азбука. На свеченоста свое обраќање имаа претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европки прашања Бујар Османи чиј Секретаријат за европски прашања беше задолжен за организација на свеченоста.

Спикерот Џафери покрај историското значење на Битолскиот конгрес како најзначајниот национален собир во политичката и културната историја на Албанците еден од најзначајните столбови за издигнување на албанската култура ја подвлече, како што рече и новата реалност после 110 година, која покажува дека „сме пораснале, сме созреале како општество, како држава, како регион и сега работите ги гледаме во една поинаква перспектива, со друг објектив, а одговорност на политичарите е да донесуваме одлуки значајни за иднината на државите, граѓаните, нашата младина и нашите деца“.

-Времињата се менуваат, се менува дискурсот, меѓутоа важно е една работа да биде иста и заедничка, а тоа е целта и тежнеењето каде сакаме да стигнеме, и тоа да стигнеме заедно, како нации, како држави, како регион. Иако сум сигурен дека на сите ни е јасно, повторно ќе речам, нашето полноправно интегрирање и интегрирањето на целиот регион во структурите на ЕУ и НАТО се врзното ткиво на нашата држава со соседите, со регионот, со светот. Заради оваа причина, не се штеделе себеси сите политичари во земјата, меѓутоа и  политичарите од регионот, затоа денес сме тука каде што сме, односно, Македонија ги поминува последните километри пред полноправното членство во НАТО сојузот и почетокот на преговорите со ЕУ, Албанија е полноправна членка на НАТО со статус кандидат за членство во ЕУ додека пак Косово ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Ова уште еднаш потврдува дека регионот ги има надминато или пак ги надминува инаетите од минатото и се позиционира на полето на старите европски и светски цивилизации, таму каде што и географски припаѓа. На крај, важно е сите да го впериме погледот во иста насока, или како што вели слоганот на оваа вечер: За нас Сонцето изгрева на запад“, порача Џафери.

Премиерот Заев изјави дека јазикот и азбуката се дел од генетскиот код на еден народ и се најсилното средство и за чување и за афирмација на духовното наследство на една заедница. Наша должност, должност на државата е, рече, да го чува и негува јазикот и писмото на секоја нејзина заедница, за што не повикуваат европските вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во ЕУ.

– Ние во Република Македонија имаме шанса на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме големата европска идеја обединети во различностите. Затоа со право можеме да го истакнеме фактот дека прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо  е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми  и традиции на сите етнички заедници вклучувајќи и албанската е во основата на нашето мултикултурно општество. Прифаќањето на таа реалност е силен израз за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани. Етничката и јазичната разноликост на нашето општество ја сметаме за наша предност, за наше заедничко богатство. Нашата заедничка иднина, иднината на сите наши граѓани ќе ја изградиме без затворање во етноцентрична култура, туку во почитување на сите заедници каде различните култури ќе се почитуваат, ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебе ќе се збогатуваат, рече Заев.

Пригодни обраќања имаа и гостите на свеченоста – претседателите на Албанија и на Косово Илир Мета и Хашим Тачи.

-Оваа година беше година на големи предизвици, но и големи надежи. Не само за Албанија, туку особено за Македонија и за целиот регион. Собранието на Македонија го усвои законот за употреба на албанскиот јазик како и Договорот од Преспа кој е важен не само за Македонија, туку и за сите нас, за евроинтеграциите и за мирот и долгорочна стабилност.  Сега е времето за поголема соработка и соживот. Почитувањето на малцинствата е обврска на сите наши држави. Затоа да ја изградиме нашата заедничка европска иднина за да им оставиме на идните генерации побезбеден регион, поразвиен, но исто така и поголеми можности за да живеат во регионот, рече Мета.

На свеченоста на која присуствуваа и министри во владата, претстваници од судството, од верските заедници, дипломатскиот кор, и други гости ,се обрати и лидерот на ДУИ Али Ахмети.