Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во интервју за МИА во Брисел за преземањето на претседателството со РЕСПА (Регионална школа за јавна администрација), говори за реформата во јавната администрација како еден од трите клучни услови за добивање датум за преговори со ЕУ, слабиот административен капацитет за оваа задача, како и за амбицијата на владите во регионот и на Европската комисија за укинување на цените на роамингот до 2021.
Какви средби остваривте во Брисел?
– Посетата на Брисел за преземањето на претседателството со РЕСПА ја искористивме, исто така за средби со генералниот директорат на ЕК за проширување, за конективност и со претставници на земјите членки.
Ова ни беше важно за да ги информираме претставниците на земјите членки за напредокот во реформите во јавната администрација и ИКТ проектите. Затоа што чувствуваме и знаеме дека има земји членки кои се скептични за проширувањето генерално, и сакаме да им покажеме дека Македонија не се занимава само со решавање на спорот со името и висока политика, туку и дека си ја завршуваме домашната работа. Подобро да ги информираме директно и стратешките пријатели до каде сме и што планираме.
Реформата на јавната администрација е еден од трите главни услови за добивање датум за преговори со ЕУ во јуни, какви забелешки добивте од ЕУ?
– Немаше забелешки, слушаа кои се нашите планови и тоа не е ништо ново за нив, тоа е сѐ што е во стратегијата за реформата на јавната администрација која ја знаат. Сакавме во детали да обрнеме внимание на крупните реформски проекти, а тоа се хоризонталната функционална анализа која треба да ги оптимизира бројот на институции, оние кои се вишок да се укинат, тие кои се преклопуваат со надлежностите да се спојат, повеќе помали да се спојат, ако треба некоја нова да се формира иако тоа е екстремен случај. И нормално граѓаните да добијат поефикасни услуги. Премногу се оптоваруваме со колку се институции, како ќе се организираат. Главна цел е граѓаните да добијат подобри услуги. А дали тие услуги им ги пружаат двесте и двесте илјади луѓе, ако граѓаните се задоволни од услугите, нема да ги интересира, и ако се задоволни од тоа што го добиваат затоа што го плаќаат. Сакам да ја поставам работата да ја гледаме од страна на примателите на услугите. Доста зборуваме за потребите на институциите и администрацијата, обратно да ја гледаме работата.
Втората работа што е крупен реформски процес и одговараме на голем број критики која Македонија ги трпеше децении наназад, тоа е политизацијата на администрацијата. Да бидеме искрени, од каде може да доаѓа политизацијата и притисокот? Од раководните лица. Не може да зборуваме за притисок во администрацијата ако раководните лица не го извршуваат. И затоа решивме да воведеме една посебна категорија високи раководни службеници кои ќе ги издвоиме од законот за административни службеници. Тоа се сите раководни лица именувани од страна на владата, собранието, итн, што нема да ги опфаќа само министрите и замениците министри, коишто извршуваат некаква раководна функција. Зборуваме за 200 до 300 именувани функционери. За нив ќе воведеме сосема повисоки критериуми и компетенции коишто ќе се бараат за раководни лица.
Откако овој концепт ќе го усвоиме после една широка јавна дебата, на ова работиме заедно со Сигма и Европската Комисија, ќе поминеме низ процес на реизбор на сите именувани функциониери од страна на оваа влада. Сите кои ќе ги задоволат овие критериуми, во еден транспарентен процес кадешто и во селекцијата на самите кандидати ќе учествуваат луѓе од надвор од институциите, ќе ги поканиме во тие комисии луѓе кои не се од администрацијата, ќе доаѓаат од универзитети, граѓански сектор, итн. Ќе поминеме низ процес на реизбор на сите сега именувани функционери од страна на оваа влада.
Целта е еднаш засекогаш да одвоиме кои се политички именувани, а кои се професионални менеџери и да ги увериме граѓаните дека оние коишто се именувани да извршуваат раководна функција се вистинските луѓе за таа работа. Се разбира не зборуваме за независните регулаторни тела што не ги именува владата или собранието.
До кога треба да заврши тој процес?
– Она што го разговаравме со претставниците на ЕК е дека од една страна треба да брзаме ама и не треба да брзаме, затоа што може да се јават сомнежи во текот на процесот и навистина треба на сите во детали да им го објасниме процесот, механизмот пред да почнеме да го спроведуваме. Процесот ќе биде многу болен, ама за политичарите, за граѓаните апсолутно не. Затоа што ќе значи промена на некои луѓе кои сега се на функција. И тоа секогаш е тешко да се изменаџира од политички аспект. Меѓутоа Владата е цврсто определена да влезе во овој процес и еднаш засекогаш да ги расчистиме овие ситуации во Македонија. За никој повеќе да не се сомнева во изборот кој ќе биде направен. Не можам пред да го видам концептот да тврдам дека ќе биде најдобриот модел, но сепак ќе ни даде шанса да направиме нешто на ова поле и дополнително да го намалиме притисокот, политизацијата. Првпат имаме ваква политичка волја на ниво на владеачка коалиција. Тоа е нешто ново. Обично се воведуваат вакви правила, ама ќе важат за следната власт. Ние сега ќе ги воведеме и нашите луѓе ќе ги поминеме низ тој процес на проверување на нивните капацитети.
Да се вратам на вашиот претходен одговор, рековте дека не е важно колку луѓе работат во администрацијата, важен е квалитетот на услугите, меѓутоа превработеноста во администрација е трајна критика на европските институции и на самите граѓани. Ќе се намали ли обемот на вработени?
– Сакам да кажам дека граѓаните немаше да ги интересира толку обемот ако беа задоволни од услугите.
Ама граѓаните, исто така не сакаат да плаќаат за толку многу вработени…
– Асполутно. Паралелно со овој процес поминуваме низ процес на хоризонтална функционална анализа, повторно заедно со Сигма и ЕК. Крајниот резултат ќе треба да биде оптимизација на бројот на институциите но и утврдување на бројот на вишокот на вработени во секоја институција посебно. Да знаеме кои се тие луѓе, со какви квалификации се, со какво образование, способности.
Паралелно со овој процес, и конкретно ќе разговараме со стопанските комори за од нивна страна да добиеме конкретно побарување на работна сила, за што тие имаат проблем. И во приватниот сектор е веќе јасно се соочуваме со недостаток на соодветна работна сила. Идејата е овие луѓе за кои ќе се утврди дека се вишок, под одредени услови, и со одредени субвенции да се понудат на приватниот сектор. Само оние кои своеволно тоа ќе сакаат да го направат.
Никој нема да биде избркан, присилен, да загуби работно место. Оваа Влада решила да не брка луѓе од работа. Ама ќе ја имаме анализата. Ќе дојде некоја следна влада и ќе рече ајде сите овие да си одат. Многу поголема сигурност за некој што и самиот е свесен дека нема многу работа е да се префрли во приватен сектор, кадешто ќе добие работни задачи и поголема сигурност на работното место. Затоа што ние, да ќе ги субвеционираме приватните компании, но ќе бараме и обврска дека ќе мораат да ги задржат на работа овие луѓе.
На неодредено?
– Па ќе видиме за различни категории на професии ќе биде различна понудата и концептот. Сѐ ќе зависи од тоа каков ќе е конкретниот предлог од експертите. Ќе имаме предлог, ќе излеземе во јавност, ќе повикаме синдикати, стопански комори, сите релевантни фактори пред да почнеме да го спроведуваме. Затоа од една страна треба да брзаме, а од друга треба и доволно време да си дадеме сите на себе за да не се појават непотребни сомнежи, да не се крева паника. Резултатот треба да биде дека никој во јавниот сектор повеќе не може да не работи, а да зема плата.
Јас доаѓам од приватен сектор, а од друга страна сум по ориентација левичар. Рековме ќе ги зголемиме платите во администрацијата другата година. За одредени категории дополнително зголемување ќе има – наставници, здравствени работници итн. Ама ќе треба и да се работи повеќе. Ќе има и 2020 зголемување дополнително на платите. Ама и сите ќе треба да работат. Тоа е многу основно барање.
Имате проценка колку луѓе би биле опфатени?
– Не, прерано е за тоа.
Што е со тие кои нема да ги исполнуваат условите на приватниот сектор?
– Да го почекаме конкретниот концепт. Не сум јас тој којшто сам лично ќе го води процесот. Сакам да слушнам што имаат да кажат експертите странски и домашни. Она што е важно е дека вработувања во институциите ќе има затоа што има потреби. Луѓе си одат, се пензионираат, итн и ние не можеме дури ни да најдеме соодветна замена за одредени работни места.
Како тоа има потреба од дополнителни вработувања а има превработеност во администрацијата и потребна е рационализација?
– Па еве електроинжењер ако си отиде од која било институција, најдете ми еден што ќе се нафати да дојде да работи во државен сектор.
Значи одредени профили недостигаат?
– Да. Но сѐ повеќе профили недостасуваат. Покрај електроинжењери, градежни, архитекти, квалитетни правници. Ние сме во процес на скрининг, сме во процес на прием во НАТО, ќе почнеме преговори со ЕУ, ние немаме доволно капацитет да ги достигнеме тие критериуми кои од нас се бараат. Мора да смислиме начин да се оптимизираме. Сите што се внатре да ги искористиме многу подобро, и да успееме да привлечеме квалитетен кадар во институциите.
Инаку, бројот на вработени, првпат во историјата, по смената на власта почна да се намалува. Секогаш, од 91 година наваму, имавме нагорен тренд. Лани првпат имавме помал број вработени. Знам дека и за оваа година ќе има уште поголемо намалување. Затоа што голем број луѓе ја напуштаат и Македонија и администрацијата. Имаме одлив и спрема странство и спрема приватен сектор. Имаме и природен одлив, луѓе се пензионираат. Посебно е тешко да се привлече некој што е со одредено работно искуство и со овие плати што ги имаме. И трендот на покачување на платите сакаме да го следиме секаде. Почнавме со минималната плата, па со трудоинтензивните дејности, сега здравствен сектор и образование, сега со јавната администрација. Почнавме од најранливите категории, се зголемува социјалната помош. Полека притисокот за зголемување на платите станува тема во Македонија и ние ја мотивираме, така треба да биде. Самите на себе си го воведуваме притисокот, ја отворивме спиралата на барање повисоки плати.
Сега минималната плата во Македонија е дванесет илјади. После нова година, минималната социјална помош ќе стане единаесет илади и нешто. Ќе имаме проблем со луѓето што работат за минимална плата да работат затоа што ќе речат можам да примам социјална помош. Ќе се зголеми притисокот за покачување на минималната плата. И во ред е, треба да се зголеми. И заедно да влеземе солидарно во тоа, и приватниот сектор и државата. Нашето изборно ветување не сме го заборавиле – триесет илади денари просечна плата.
Административен капацитет за преговори со ЕУ немаме. Што правиме?
– Во моментов имаме, ама ако не направиме нешто ќе дојде момент да немаме. Една од мерките е “брза линија на регрутација“ иако ова не е коректен термин, во клучните министерства за преговорите сега, за преземање од приватен сектор, од невладин, на луѓе со искуство, со професионални способности коишто ќе можат да помогнат во процесот на преговори. Треба луѓе што се мотивирани, но треба да им се обезбеди соодветна плата за да ги привлечеме. Тука се јавува друг проблем. Што е со луѓето што се внатре во институциите, работат, но со истите задачи примаат помала плата. Треба и за нив да мислиме. Не е едноставно. Гледаме анализи од земји од Југоисотчна Европа кои се приклучија во последните бранови на ЕУ, ги гледаме нивните искуства и дали се применливи кај нас. Секако првата половина на 2019 ние мораме да преземеме нешто, промени на закони и слично.
Навистина сме загрижени за тоа што следува и пред сѐ колегите од Секретаријатот за европски прашања и работат на овие анализи, откако ќе ги добиеме, веднаш ќе пристапиме кон измени на одредени закони.
Кога може да се надеваме на бесплатен роаминг во регионот, а и со земјите од ЕУ?
– Бесплатен роаминг во регионот – првиот чекор е да се приклучат Албанија и Косово на сегашниот договор за намалување на цените на роамингот во Западниот Балкан. И тоа е веќе договрено. На 4 и 5 април во Белград ќе се одржи вториот дигитален самит, каде сите шест земји ќе потпишат нов договор за намалување на цените на роамингот. Но, она што можам да го најавам е дека на 6 ноември се одржа состанок на претставниците на ЕК со претставници на регулаторите од земјите од Западен Балкан. Беа претставници и од соодветните министерства. Направен е официјален план со што земјите од Западен Балкан бараат, но веќе имаме комуникација со ЕК, да постигнеме ниво на целосно укинување на цените за роаминг со земјите од ЕУ до 2021. Планот е прилично амбициозен. Свесни сме, но се нафативме да го спроведеме иако знаеме кои се пречките. Морам да ја споменам улогата на комесарката Габриел, постигна одреден успех. Но сето тоа треба да се стави сега во процедура во голем број регулативи, меѓусебни договори, односи помеѓу операторите итн. Но, конечно имаме зацртан пат. Дополнително како Македонија правиме чекори. Потпишан е договорот за намалувње на цените на роамингот со Бугарија и до крајот на година ќе имаме конкретен план како ќе се одвива, со некоја поголема динамика отколку со останатите земји од ЕУ. А, со Грција веќе сме во фаза на утврдување на текстот на договорот кој треба да го потпишеме што е можно побрзо и да се подготви побрзо намалување со Грција отколку со остатокот од ЕУ.
Кои се главните пречки?
– Операторите треба да се откажат од дел од својот профит. И тоа се од правен аспект гледано и легитимни нивни барања затоа што потпишале договори за концесија, за да можат да бидат мрежни оператори со одредени земји под одредени услови. Ги менуваме условите сега. Решението е секогаш во компромисот и во балансот. Ако знаеме дека губат на едно место, знаеме дека ќе добијат количината на податочен сообраќај на граѓаните кои ќе патуваат. И дополнително, ненужно е случај во другите земји од Западен Балкан, искрен да бидам, цената што ја плаќаат операторите за дозволите е прилично висока и не е одамна коригирана и ние сме подготвени како Влада, и тука главна улога ќе ја има Агенцијата за електронски комуникации како регулатор, да отвориме еден процес на дијалог да видиме, врз основа на конкретни бизнис анализи, што можеме ние да помогнеме во тој дел, со можеби намалување на цените на одредени давачки на операторите за тие да се откажат од профитот што го прават со роамингот.
Но, ако успеаја во ЕУ, и тука не било лесно, ќе успееме и ние, ги користиме нивните искуства, имаме нивна поддршка и целиме да влеземе до некоја 2025 година, ајде да го направиме порано.