Честитка по повод Денот на благодарноста

Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, по повод Денот на благодарноста, кој традиционално се прославува во САД и Канада, на сите граѓани кои го празнуваат во Македонија и во Дијаспората, ја упатува следната честитка:

Денот на благодарноста е повеќе од празник, ни дава време да размислиме што научивме и како можеме да ја шириме среќата, да се осврнеме на сите прекрасни спомени и добрите луѓе што дојдоа во нашите животи.

Благодарноста е нашата најдиректна линија кон Бога. Ако земеме време за нас самите, без разлика колку сме вознемирени, можеме да најдеме нешто за што сме благодарни. Колку повеќе бараме благодарност, толку повеќе ќе ни биде возвратена благодарноста и радоста во нашите животи.

Низ вековите народот многу пропатил за слободата која ја живееме сега. Граѓаните знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата. Денес, ние граѓаните продолжуваме по истиот пат, патот на благодарноста и мирољубието.

Затоа, наша обврска е да се чуваме едни со други. Време е да се собереме околу најблиските, да бидеме благодарни за сето она што го имаме и да ја поштедиме мислата за оние кои не се толку среќни.

Овој голем ден е причина повеќе да покажеме дека се почитуваме едни со други, а нашите поколенија да ги насочиме кон вистинските вредности, да им го покажеме патот преку кој нашите предци го поминале за да создадат поубаво и помирно место за живот.

Должни сме за тоа!

Нека ни е честит Денот на благодарноста!

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
Претседател,
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА