Амбасадорите на Германија и на Холандија, Томас Герберих и Ваутер Пломп се децидни дека помирувањето не значи и неказнивост и оти сторителите на кривични дела мора да преземат одговорност за истите, коментирајќи го азилот на Никола Груевски и предлог-законот за амнестија за 27 април.
– Во врска со неодамнешното барање за азил на Никола Груевски, нема да се мешам во работењето на независниот правосуден систем, но убеден сум за една работа, помирувањето на општеството како целина, може единствено да се постигне доколку луѓето кои сториле кривични дела преземат одговорност за истите. Помирувањето не значи неказнивост, потенцира Герберих на промоцијата на твининг проектот „Јакнење на казнено-поправниот систем и пробациската служба“.
Посочи дека една од клучните реформи во земјата е реформата на правосудниот систем, со цел, како што рече, да се создаде општество што ќе работи врз основа на владеењето на правото, и почитувањето на човековите права и слободи.
– Овој твининг проект доаѓа во многу значаен период за Македонија, бидејки по позитивниот исход во процесот на имплементација на Преспанскиот договор, се надевам дека ќе се отвори патот за приклучувањето на вашата земја во НАТО и ЕУ, и тогаш македонската Влада ќе може целосно да се концентрира на реформските процеси кои мора да доведат до создавање на ново македонско општество, во кое правната сиурност ќе доминира, рече Герберих.
Додаде дека како партнери на овој твининг проект, Германија ќе даде поддршка со својата експертиза, со цел да се реализираат конкретните оперативни резултати и оти целта на проектот е да се зајакне ефикасноста на правосудсниот систем во Македонија.
Германскиот амбасадор посочи дека со реализација на овие цели, ќе се помогне и да се подобри пробациската служба и да се подобрат и зајакнат капацитетите на државата во пробациските служби, како и да се подобри свесноста на заедницата да се реинтегриаат овие лица.
Холандскиот амбасадор од своја страна рече дека во однос на потребата за помирување, тоа не значи и неказнивост, поддржувајќи ги овие ставови на германскиот амбасадор.
– Холандија повеќепати ја нагласувала важноста од владеењето на правото не само за исполнување на критериумите за членство во Унијата, туку и за подобрување на животниот стандард во Македонија. Во однос на потребата од помирување, морам да повтроам дека помирување не значи неказноивост, јас целосно ги поддржувам ставовите на мојот германски колега, рече Пломп.
Повтори дека Холандија ја поддржува Македонија во реформите кои не се лесни и токму затоа Холандија е тука да и помогне на земјата како партнер и оти македонските институции ќе го искористат знаењето и искуствата од Холандија и Германија во делот на пробацијата.