Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Власте Димковиќ да биде разрешен, а на негово место да се именува Благе Цветковиќ, предлага Владата.
Предлогот е доставен до Собранието на 22 декември, а од Владата не кажуваат зошто се разрешува Димковиќ. Велат, тоа е политички договор, на коалициските партнери.
Власте Димковиќ на 5 ноември беше исклучен од Српската партија зашто, како што јавија некои медиуми, работел против интересите на сопствената партија и коалицијата на СДСМ на локалните избори.
Пред Собранието се и владините предлози за именување функционери на испразнетите места во Владата. За министер за здравство се предлага Венко Филипче, за министер без ресор Аксел Ахмедовски (на местото на Самка Ибраимовски), а за заменик-министер за образование Арбр Адеми.
Се очекува најдоцна до крајот на неделава, пред новогодишните празници, овие точки да бидат ставени на дневен ред и да бидат усвоени.
За министер без ресор одговорен за странски инвестиции, предлог од Владата се уште нема.