Откупот на тутунот почна непречено и се одвива без застој, потврдуваат од Државниот земјоделски инспекторат. Во земјава откупуваат осум од деветте компании.
– Откупот на тутунот почна без никакви проблеми и се одвива непречено веќе трет ден од почетокот на кампањата. На теренот се осум од деветте откупувачи. Компанијата „Мисиријан“ од Струмица треба да обезбеди банкарска гаранција и најави дека тоа ќе го стори до 30 ноември. Последниот рок за почеток на откупот е 15 декември, објасни Благој Индов, директор на Државниот земјоделски инспекторат.
Тој нагласи дека наскоро се очекува да се соглееда како ќе се движи просечната откупна цена.
Инаку, на ниво на општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево свои пунктови имаат седум откупни компании и нема никакви проблеми во откупот. На теренот откупуваат: Прилепскиот тутунски комбинат кој од денеска, освен градскиот, ги отвори и пунктовите во населениете места. Во земјава се 24 пункта, од кои 16 во овие четири општини. Денеска со откуп почна грчката компанија „Секе“ која ќе купува тутун на 20 пункта во четирите општини. Компанијата „Алијанса“ од Кавадарци има 15, „Сокотаб“ од Битола откупува тутун на 13, а компанијата „Пашоски“ на два пункта, во Кривогаштани и во Црнилиште, Долненско. Откупното претпријатрие „Орбита табак“ вратите на пунктовите ќе ги отвори од утре и ќе купува во населените места Бучин, Врбоец и во Демир Хисар. На теренот во Кривогаштани е и претпријатието „Кавекс Балкан“ од Неготино, а од понеделник ќе ги отвори вратите на пунктот во селото Пешталево.
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, потврдени во земјава се 195 откупни пунктови, а родот од годинашнава реколта нема да биде помал од 13.500 тони. Откупните компании пријавија побарување од 29.000 тони тутун, но не се знае дали тоа ќе се оствари со оглед на неповолната година за тутунопроизводство.