Дескоска: закон за амнестија треба да подготви собраниското тело за помирување

Министерството за правда не работи на никаков закон за амнестија во врска со настаните од 27 април. Тој треба да биде подготвен од телото за помирување во Собранието, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска.

-Во Министерството за правда не сме почнале со подготовка на никаков закон. Тоа веројатно ќе оди преку телото за помирување, рече Дескоска одговарајќи на новинарско прашање пред обраќањето на Националната конференција на тема „Унапредување на механизмите за обезбедување пристап до правда“.

Таа го повтори ставот дека за насилствата не смее да има амнестија, во која насока, рече е и изјавата на премиерот Зоран Заев, во која тој направи разлика меѓу оние кои биле вклучени во насилството и другите.

-Ако почнете да спроведувате закон, секој што влегол во Собранието, без оглед дали направил насилство или не, што направил неовластен упад има основ кривично да одговара. И факт е дека против сите тие лица не се водат кривични постапки. На некој начин тие и сега не се опфатени, рече министерката Дескоска.

Таа посочи дека веќе има лица кои се осудени за насилствата во Собранието и издржуваат казна затвор за насилство врз пратеникот Села и министерката Шекеринска, а за тоа кои се лица ќе бидат опфатени со евентуалниот закон за амнестија, ќе зависи од ставот на телото за помирување

Прашана во однос на тоа дали амнестијата би се однесувала за сите 33 обвинети во случајот, Дескоска истакна дека не е запознаена со обвиненијата и по кои членови се, и оти за тоа ќе треба да се види врз основа на обвинителниот акт.

-Кога се прави закон за амнестија се прави врз основа на конкретни членови. Се амнестираат лица по наведени членови од Кривичниот законик. Така што јас не знам кои им се обвиненијата. Дали има за учество во толпа што извршила насилство, дали има за конкретно насилство, дали има за организација, за поттикнување и сл. Различни дела се. Во законот за амнестија треба да се дефинира точно кои кривични дела врз основа на Кривичниот законик би ги опфатило. Јас не им ги знам обвинителните акти, ниту сум ги проучувала. Тоа е прашање што треба да се раговара во телото во Собранието, рече Дескоска.

Според неа, доколку се донесе закон за амнестија тоа нема да биде удар врз судството.

-Теоретски, постојат два типа на пристапи во делот на правдата. Удар на владеење на право е ако се мешате во судството, ако се мешате во обвинителството, ако им кажувате како да постапуваат. Факт е дека судовите и јавните обвинители работат врз основа на законите во РМ. Ако се донесе закон за амнестија тоа ќе биде исто така законска основа по која што ќе треба да постапуваат и судството и јавното обвинителство, вели министерката за правда Дескоска .