Пред Собранието на Република Македонија заврши протестот во организација на движењето „#Бојкотирам уставни промени“ преку кој беше побарано стопирање на постапката за уставни измени, поништување на Договорот од Преспа, трајна заштита на името на Македонија…
Учесниците, како што рекоа, се против нелегалната промена на името и бришењето на АСНОМ, и побараа оставка на Владата, распуштање на Собранието, вонредни парламентарни избори, како и да не се повторат настаните во Собранието од 27 април минатата година.
Најавија дека од утре ќе почнат блокади на главните сообраќајници и крстосници со возила и механизација и протести во Скопје и во сите градови низ Македонија се додека не се исполнат поставените барања.
Освен на социјалните мрежи и вечерва ги повикаа граѓаните да им се приклучат, а во Скопје ќе бидат секој ден пред паркот Жена парк од 16 до 20 часот. Ќе бидат тука и на први декември кога е предвидена седница на Собранието за предлог амандманите на Уставот за промена на името на државата.
Пред присутните се обратија Солза Грчева, Томче Ширков, Тодор Петров,…
Протестот, како што соопшти организаторот, го поддржаа македонската заедница во Канада, Светскиот македонскиот конгрес и Македонското меѓународно движење за човекови права.
Движењето „#Бојкотирам“ го најави потестот преку социјалните мрежи како натпартиски, сенароден и ненасилен. За граѓаните беше организиран превоз од повеќе градови од државата.