Со сигурност е потврдено дека Александар Македонски го префрли во Александрија пазарот и трговијата од соседниот Каноп. Александрија требаше да биде главен трговски центар, бидејќи ниедно друго место на целиот брег не можеше да се споредува со неа. Независно од тоа дали самиот Александар или некој од неговите приврзаници го направи изборот за Александрија, тоа сепак беше генијален потег.
Факторот што одлучи за ваквиот избор лежеше во следните причини: островот Фар го заштитува пристаништето од кон морето, додека езерото Марот одназад прави внатрешно пристаниште.Тоа е посебно место на кое Нил не му се заканува со донесување големо количество мил. Морското струење што овде се крева од запад на исток, цело време е присутно во сите пристаништа на египетскиот и јужниот сириски брег.
Александрија е исклучок, бидејќи лежи западно од најзападната притока. Се верува дека некој од луѓето што тоа научно го испитувале знаел за ова струење. Така, Александар беше првиот кој му подари на Египет пристаниште на иднината, иако историјата на Египет започнала илјадници години пред тоа.
Наукрат дотогаш беше центар на трговијата меѓу Египет и Егејот. Меѓутоа, тој лежеше во внатрешноста на делтата и не беше погоден за трговија како античките трговски градови на морскиот брег. Несомнено, Александар Македонски беше нестрплив во спроведувањето на овој план, бидејќи во текот на својот престој во Египет стекна силен впечаток за големата продуктивност на земјата и за огромниот извозен потенцијал.
Неговата намера за окупација на медитеранското крајбрежје на Персиската империја во почетокот имаше исклучиво стратешки карактер, а со основањето на Александрија тој ја покажа и својата намера за преобразување на своите воени цели во економски.Трговските места на Левантот со крајбрежјето и островите беа под негова контрола, но крајната цел кон југ се’ уште не беше постигната.
Подоцна, под Птоломеј економската важност на Александрија го достигна својот врв, што не беше и неочекувано, како што ќе се види од последните планови на Александар Македонски за поврзување на Александрија дури и со други важни места во светот. Секако, до основањето на Константинопол, ниеден град немаше толку голема важност во светот како Александрија во Египет.
Новиот град се разви до населбата што постоеше, а тоа беше малото рибарско село Ракот. Плановите на градот со што се припојуваше Ракот од исток беа нацртани од Динократ од Рол, во шаблонски линии кои беа воведени од Хиподам од Милет уште во петтиот век. Беа изградени две широки улици кои се сечеа една со друга под прав агол, а паралелно со нив беа изградени и други помали улици со куќи од квадратни или правоагални блокови. Александар Македонски многу се интересираше за изградбата на градот.
Повторно беше опфатен од старата “носталгија” и лично укажа каде да бидат пазарите и храмовите и одлучи по кои богови треба да се наречат храмовите во градот. Во согласност со неговата толерантна политика, а и како милостив фараон, Александар и на Египќаните од Ракот им подари египетски храм посветен на Ис, како и на Осир и Хор. Новиот град како и обично беше опколен со sидови.
Ова е опишано во еден хиерогливски документ од 311 година на кој пишува: “Тврдината на кралот на Горен и Долен Египет, саканиот од Амон, а избран од Ра, син на Ра, Александар Македонски, на брегот на големото море на Јонците, Раком беше неговото поранешно име”.
Може да се замисли колку антички архитекти, занаетчии и уметници привлече Египет со можностите што ги пружаше изградбата на Александрија. Ова го објаснува очевидното влијание на античката уметност врз Египет во текот на животот на Александар Македонски
Текот на историјата направи Александрија да добива се повеќе меѓународен карактер. На почетокот, покрај Египќаните од селото Ракот од кои многумина не беа Елини, туку Евреи и други странци, беа привлечени од големата корист и од задоволствата на големиот град. Меѓутоа, мора да се признае дека Александар Македонски го оформи градот до Ракот како чист антички полис, со свој конзул и народно собрание.
Додека Александар Македонски се’ уште се наоѓаше на брегот, неговиот адмирал Хегелох допатува со многу важна новост, информирајќи го дека флотата повторно ја презеде власта во Егејот и дека по уништувањето на персиската флота, островите Тенедос, Лезбос, Киос и Кос повторно се освоени. Сега тој донесе решение од кое може да се види неговиот однос спрема Коринтската лига.
Околу една година пред тоа, во документот што е зачуван според договорите што беа во сила, со оглед на победата над Хиос, Фатените предавници треба да бидат донесени пред Федералниот совет како редовен суд на Лигата, како што порано Федералниот суд ги извршуваше казните над Тебанците.
Наспроти тоа, кога Хегелог ги донесе фатените предавници од Хиос, Александар Македонски не ги испрати пред Федералниот совет, туку според казната што тој сам ја изрече, тие беа пренесени во Елефантин, најјужниот град на Египет над Првиот катаракт.
Ова го оправдува заклучокот дека во меѓувреме тој стекнал послободна позиција во Елинистичката лига, па сега му го оспори правото на федералниот совет што му беше признато пред една година. Ако се испита психолошката основа на ваквата измена, ќе се констатира дека неговите големи успеси во меѓувреме-окупацијата на Египет и Сирија, разбивањето на персиската флота и преземањето контрола над морето-мора многу зголемиле неговото чувство на моќ.
Можеби небеше доволно да му направи впечаток на кралот, кој беше само на дваесет и четири годишна возраст, само тоа дека им станал Бог на овие многумилионски Египќани. Во оваа земја на силно чувство, додека беше на брегот го опфатија мисли за иднината и посака да се консултира со пророкот Амон во оазата. Ова мистериозно патување до пророкот Амон во оазата Сивах е една од најзабележливите епизоди во животот на Александар Македонски.
Таа разнородна панорама тешко може да ја поттикне имагинацијата на современиците, на подоцнежните генерации и на модерниот свет, зошто Александар Македонски го презел токму овој марш низ пустината.
Кога ќе се земе предвид дека во корист на Александар Македонски беше што е можно поскоро да го сретне и Дариј, за чии војнички подготовки несомнено целосно беше известен, јасно е дека постоел силен мотив што го натерал да го преземе ова оддалечување кон запад, оддалечување целосно некорисно и повеќе опасно од воена гледна точка што го одвои шест недели од неговата египетска база.
Таа е една од оние акции на Александар Македонски кои се јасни само ако се земе предвид неговиот религиозен внатрешен живот и нерационалните и необјасниви елементи на неговиот карактер. Аријан, исто така, го употребува истиот израз: “носталгијата” го натера да се советува со пророштвото Амон. Всушност, тоа беше потреба што Александар ја чувствуваше внатре во својата душа да го слушне пророкот кој ќе му ја каже иднината пред судирот со Дариј.
За да се разбере тоа, треба да се сфати дека Александар Македонски беше син на своето време и им придаваше најголема важност на пророштвата и на божјите лоши предзнаци изразени во соништата, во летање на птици, или во други природни процеси.
Но зошто тој отиде посебно во Амон? Немаше ништо заедничко со неговата положба како фараон. Ниеден фараон немал направено аџилак до оазата. Тој не им обрнуваше внимание на египетските потчинети кога го направи тоа.
До колку сакаше да слушне египетско пророштво, имаше многу богови во Египет со кои можеше да се консултира. Неговиот аџилак до Амон предизвика силен впечаток, кој Египќаните, бидејќи поради ова и со поднесувањето жртви на Апис, Александар Македонски се прикажа како противник на лошиот Камбис.
Преданието вели дека Камбис еднаш испратил експедиција со цел да го уништи пророштвото, но експедицијата била уништена од песочната бура. Александар Македонски не го организирал ова патување едноставно да направи антиперсиска демонстрација. Тоа беше како да се посетува Господ, бидејќи и пророкот беше сметан за непогрешлив во античкиот свет.
Продолжува